Пожар денеска изби во деловни простории во комплексот згради во населбата Христо Узунов. Станари од блиската зграда до приземниот објект пријавиле во ТППЕ дека се издига чад. За среќа, противпожарната единица делуваше исклучително брзо и огнот веднаш беше изгаснат.
Просториите во кои избувна пожарот не се користат, запуштени се и во вечерните часови претставуваат собиралиште на млади лица и бездомници. Жителите на оваа населба кажуваат дека во зимските месеци бездомници престојуваат во овие простории и дека повеќе пати таа појава ја пријавувале до надлежните служби.
Граѓаните изразија загриженост за својата безбедност, бидејќи и мало невнимание во тие простории каде има кабаст отпад и стар мебел може да предизвика пожар, кој на овие високи температури, доколку не се забележи навреме, како денес, може да има катастрофални последици во густо населениот станбен комплекс.