Со добар ментор, пливањето лесно се учи
Со добар ментор, пливањето лесно се учи. Уште еден апел и охрабрување кон оние што се неодлучни и сеуште не знаат да пливаат, да ја посетат школата за пливање „Делфина 2012“, а останатото го знаат професионалците од тимот, кои на најлесен начин ќе ве научат да се одржите на вода.
Оваа сезона околу 300 деца ги учат пливачките вештини. Пливањето е спорт кој треба да се познава уште од мали нозе, пред се заради нормален физички развој. Оваа вештина е едена од реткитe каде што се активира цела човечка мускулатура и вклучува движење на големи мускулни групи од човечкото тело. Јовица Бицески пливчки инструктор во школата за пливање, „Делфина 2012“, со голема љубов и посветеност ја работи оваа работа веќе 4 години. Тој вели дека со добро менторство пливањето е лесно и брзо се учи.
„Најпотребно е да си редовен, дури и порано, да се слуша менторот, тоа е едно од најглавните работи, исхраната и топла облека, тоа 15 години го слушам од инструкторот Соња“ – вели Бицески.
Пливањето еднаш се учи и никогаш не се заборава вели Славчо Цветкоски, кој 15 години од својот живот ги посветил на професионалното пливање. Тој појасни кога е најдобро да се почне со овој спорт.
„Според мене најдобра возраст да се почне со пливање е 6 години, е сега нормално има дечиња кои отскокнуваат. Најпрво треба да се научи дишењето потоа се учи координација, работа со раце нозе па потоа се учат останатите техники. Списокот на новозапишани пливачи е голем и поради тоа се поделени во групи, се трудиме максимално на сите да им посветиме внимание“ – изјави Цветкоски.
Во списокот на школата за пливање, „Делфина 2012“, покрај охриѓанчиња има и скопјанчиња, деца кои се на одмор во Охрид од Шведска, Австрија и други земји од странство. Цветкоски вели за да се научат основните работи во пливањето потребно е најмалку еден месец работа. Тој исто така смета дека со отварањето на затворениот пливачки базен, пливањето повторно ќе биде спорт број еден не само во Охрид туку и во Македонија, а со тоа ќе се обезбеди и една континуирана работа, која ќе резултира со успех и нови пливачки асови од Охрид.