Со хуманост, за посреќно детство
Општинската организација Црвен Крст-Охрид ја најавува спортско-рекреативната хуманитарна акција „За посреќно детство“. Манифестацијата со хуманитарен карактер ќе се одржи на 11 јуни, в сабота. Се организира со помош на Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски, а се вклучени Сојузот на училишни спортови и Асоцијацијата „Спорт за сите -сите за спорт“. Се најавуваат многу забава, спортски настани и наградни игри.
„Граѓаните може да купат вредносни талони, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на децата од ранливите категории. Хуманитарната помош ќе се насочи за децата кои имаат здравствени проблеми, операции, лекови, помагала“, информира Сашо Точков, претседател на на Црвен Крст-Охрид.
Напоменува дека сиромаштијата се почесто чука на вратата на ранливата категорија охриѓани. Секојдневно расте потребата од хуманост на луѓето кон граѓаните кои ја чувствуваат немаштијата.
„Многу често се бара помош. Посебно во последните месеци е зачестено доаѓањето на лица кои имаат проблем да набават основни прехранбени намирници за да опстанат. Гледаме да помагаме со помош на вакви хуманитарни акции и со општествено одговорни компании“ – кажа Точков.
За оваа манифестација да се одвива успешно се погрижија голем број општествено одговорни компании, а во организација на акцијата „За посреќно детство“ е вклучен и стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.
„Ние заедно со нашите пријатели „Курапрокс“, „Виафарм“, „Алкалоид“ и „Хемофарм“ ќе доделиме многу награди. Дополнително ќе имаме и едукативно катче каде што ќе се делат совети за одржување на оралното здрвје. Ќе се делат информации и мислења од нашите стоматолози. Ветуваме многу забава и дружење“ – кажува Д-р Владимир Новакоски, од стоматолошки центар „Д-р Баткоски“.
Охриѓани се хумани луѓе, но не доволно. Може уште повеќе и подобро да се вклучат со свои хумани донаци, нашата цел е преку хуманитарните акции што повеќе луѓе да поттикнеме на хуманост бидејќи нема поблагородно чувство од тоа да му се помогне некому во тешка ситуација, исто така од охридскиот црвен крст апелираат граѓаните да се вклучат во поголем број во хуманитарната акција и да дојдат на 11 јуни, во 11 часот на градскиот плоштад.