Skip to main content

Судење Пендиков

Со исказ на Пендиков продолжи судењето во Охрид

Со исказ на поранешниот секретар на сега затворениот бугарски клуб во Охрид, продолжи судскиот процес за Христијан пендиков. Одбраната тврди дека тепачката нема допирни точки со национална омраза, туку се однесува на приватни нерасчистени сметки поврзани со дрога. Оштетената страна пак демантира.
 |  инфодеск  | 

Со исказ на поранешниот секретар на сега затворениот бугарски клуб во Охрид, Христијан Пендиков, денес одново започна судскиот процес во охридскиот суд. Пендиков  опиша што се случувало критичната ноќ, кога на празникот Водици беше нападнат во кафуле во Охрид.

Во судницата беа присутни оштетениот Пендиков, првообвинетиот во предметот Илија Спасески и и второобвинетиот Борче Ангелов од Битола кои се изјаснија дека не чувствуваат вина.

На денешниот распит од страна на одбраната беше потенцирано дека во овој случај не станува збор за национална омраза туку за нерасчистени меѓусебни односи поврзани со дрога, а беше потенцирано и дека во целата постапка замешана е и политиката.

„Сфативте дека во целата работа многу е замешана политиката бидејќи со претседателски авион на Р Бугарија некој да се земе од една да се пренесе во друга држава е нон сенс. По мене мотивот е сосема друг а не припадност на некоја нација признавање статус на народи итн. “, изјави Димитар Цобоски бранител на обвинетите.

Адвокатот Стефан Камишевски, застапник на оштетениот, Пендиков пак ги демантираше ваквите тврдења бидејќи како што рече истите не биле поткрепени со докази.

„Сметам дека се неосновани таквите тврдења затоа што од она што го изнесе одбраната во текот на денешното рочиште беа презентирани некакви факти кои што не беа поткрепени со ниту еден доказ. И на крајот на денот се компелтно илеревантни за настанот со нанесувањето на повреди на пендиков. Значи ги демантираме комплетно и тие немаат допирни точки со настанот од 19 јануари оваа година“-, вели застапникот на Пендиков, адвокатот- Стефан Камишевски.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари пред угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро. Случајот предизвика големо внимание во јавноста и  тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Следното рочиште од процесот е закажано за 7 февруари.

Новинар Соња Рилковска