Со „Охридска вечер“ градот ќе се претстави меѓународниот саем во Белград
Со „Охридска вечер“ градот ќе се претстави меѓународниот саем во Белград.
Охридската локална самоуправа ќе учествува на меѓународниот туристички саем во Белград. Градот ќе привлекува туристи од Србија кои се и традиционално најбројните гости на охридската ривиера. Презентацијата на нашиот туристички потенцијал ќе биде со организирање на „Охридска вечер“ во белградски ресторан Венеција. Три дена ќе се презентира национална македонска гастрономија, пијалоци и традиционална музика. Градот ќе се претстави и со нови туристички понуди, информира Ѓоко Апостолов од Тлер.
„Охрид динамично се развива во однос на туристичката понуда. Не се само пакет аранжманите на туристичките агенции туку и инфраструктурното уредување на градот кое што од година в година му дава нова димензија на градот во однос на туристичките патеки, пешачки и велосипедски, содржините на алтернативниот туризам кој од година во година се надоградуваат. Се додека не добиеме позначаен капитален проект како што е затворениот пливачки базен како нова туристичка содржина, сето тоа е дополнителен производ во туристичката понуда“, напоменува Апостолов.
На саемот во Белград ќе се воспостават директни средби на претставници на Локалната самоуправа и туристичкиот сектор со српски колеги , а посебен акцент ќе се стави на соработката со медиумите. Локалната самоуправа има доволен туристички промотивен материјал од градот, а ќе го користи штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Ги одбегнуваме директните настапи на саемот заради финансискиот аспект. Откупување на штанд чини многу. Одиме неколку дена порано и на секој саем на кој учествува Агенцијата доставуваме промотивен материјал од Охрид“, вели Апостолов.
На саемот во Белград кој почнува на 24 февруари ќе бидат присутни и туристички работници и хотелиери кои ќе ги презентираат туристичките потенцијали на градот и крајбрежјето.