Со подобра патна инфраструктура и нови хотелски капацитети до резултати во туризмот
Ова се само дел од деловите од сложувалката кои недостигаат за успешна туристичка приказна во државава според туристичките работници. Тие сметаат дека кога ќе се обезбедат сите предуслови, тогаш нема да има потреба да се бараат странски инвеститори во туризмот, туку дека тие сами ќе доаѓаат да вложуваат во македонскиот туризам.
Градење на нови хотелски капацитетти, достигнување на бројка од еден милион гости годишно, поволни каматни стапки за добивање кредити, креирање на производ кој е привлечен за странските туристички гиганти, изградба на соодветна патна инфраструктура за поуспешна и подолга туристичка сезона во земјава. Ова се само дел од желбите, идеите и предлозите на туристичките работници со чија реализација тие сметаат дека многу би се подобрила туристичката слика во земјава. Како една од пречките за реализацијата на нови инвестиции во делот на хотелските капацитети, според претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески е немањето на детални урбанистички планови за крајбрежниот појас во кој и најголемиот дел од капацитетите се лоцирани. Блажески вели дека во изминатите 25 години, нов хотел со над 150 соби не е изграден, туку се правени адаптации на одморалишта.
“Зошто не е изграден? Треба реално да си ја видиме сликата, да се видиме на огледало кои сме и да си ги признаеме нашите слабости за понатаму да ја свртиме таа страница и да одиме напред. Споменав дека нема детално планирање каде што тоа детално планирање би им дало можност, не мора да се тоа странски инвеститори, имаме доста и домашни инвеститори кои што сакаат да изградат, да се прошират, но секогаш кога ќе се дојде до добивање на тие дозволи за градба, нешто ја кочи таа работа и мислам дека треба една голема анализа да се направи и да се види што е тоа што ја кочи таа работа.”-вели Блажески.
Лиценцираниот водич во планина, Антонио Додевски кој работи во делот на авантуристичкиот туризам смета дека во нивниот дел пред се недостига потребната инфраструктура, но и едуциран кадар кој ќе дава соодветна услуга, како и неподготвеност од страна на безбедносниот аспект на кој според него, најмногу инсистираат странските тур-оператори.
“Надвор од населените места, надвор од луксузот кој го нудат хотелските сместувања, големите хотели во населените места или околу населените места, напротив бараат сместување кое е надвор од населени места, далеку во планинските региони, што за жал ние го немаме. Немаме патишта, немаме таков тип на сместување, и во овој момент сме принудени сите гости кои доаѓаат за авантуристички туризам некако да ги импровизираме односно да направиме комбинација помеѓу сместувањето и активноста за која се дојдени.”-рече Додевски.
Според нив, доколку се исполнат овие предуслови кои ги сметаат за исклучително важни, тогаш велат дека нема да биде проблем должината на туристичката сезона бидејќи истата ќе се прошири во насока на најразличните туристички понуди кои ќе ги нудат Охрид и Струга пред се. И Додевски и Блажески констатираа дека има позитивен тренд последниве години на проширување на туристичката сезона, за кој изразија надеж дека и во иднина ќе се движи во истата насока.