Skip to main content

СВР Охрид

Со стартот на летната сезона, зголемен и обемот на работа на полициските службеници

И ова лето, полициските службеници се фокусирани да имаме безбедна сезона во сите сектори, од сообраќајот, јавниот ред и мир и безбедноста, која се однесува на имотните деликти, информира Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
 |  инфодеск  | 
Стефан Димоски

СВР Охрид ги ангажира сите свои ресурси, охриѓани и туристите да имаат мирно и безбедно лето во сите аспекти на општественото живеење. За да се реализира ова, пресудна ќе биде соработката помеѓу граѓаните и полицијата. Од секторот, со апел до граѓаните, на поголема внимателност кон своите вредни предмети на плажите, заклучување на возилата на паркинзите. Во оваа насока, свои активности ќе има и отсекот за превенција, од каде планираат низа средби со граѓаните и низ непосредни разговори, со цел укажување на потребата од подобра заштита на личните предмети, особено во време на сезона.

„И ова лето полициски службеници ќе има насекаде, во централното градско подрачје, во приградските населби, покрај плажите, крајбрежјето и во близина на туристичките објекти, со цел навремено да бидат елиминирани појавните облици на нарушување на јавниот ред и мир и можностите за имотните деликти, кражби, тешки кражби итн. Посебно за кражби во згодна прилика, како кражбите на плажи, на паричници, на мобилни телефони, лаптоп компјутери и други вредни предмети кои граѓаните ги оставаат небезбедни.“ – вели за ТВМ, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Плажа

Летово, активна ќе биде и велосипедската полициска патрола, која ќе патролира низ централното градско подрачје, како и низ плажите и крајбрежието. Нивната цел пред се ќе биде спречување на кражби по плажи и паркинг простори и фаќање на сторителите на овие казнени дела.

Со цел пак за подобрување на сообраќајната безбедност, СВР Охрид веќе презема превентивни мерки преку отсекот за превенција при СВР Охрид со едукативни сообраќајни кампањи и други мерки.  Но, од секторот со предупредување дека нема да недостасуваат и репресивните мерки при контролите во патниот сообраќај пришто, од сообраќај веднаш се исклучуваат возачите кои управуваат возила под дејство на алкохол,  додека се санкционираат и оние возаччи кои ја надминуваат дозволената брзина на движење, зборуваат на мобилен и сл.

„Нема да има толенранција, или ќе има нулта толеранција, кон сите оние возачи на моторни и други возила кои флагрантно ги кршат одредбите од Законот за безбедност во патниот сообраќај. Пред се мислам на возачи кои управуваат под дејство на алкохол и наркотични средства  или на друг начин ги прекршуваат одредбите на законот, претекнуваат на недозволени места, разговараат на мобилен телефон, и со тоа значително ја доведуваат во опасност безбедноста на сообраќајот, личниот живот и животот на сопатниците и на сите учесници во сообраќајот.“- посочува Димоски.

Од СВР Охрид со апел до возачите на моторни возила на крајна внимателност при управувањето на локалните, регионалните и магистралните патишта. На подрачјето на Охрид, во текот на јуни 2023 година, случени се 31 сообраќајни незгоди во кои нема загинати лица додека во јуни минатата година биле регистрирани 16 сообраќајни незгоди и едно загинато лице.