Со свечена академија, Црвениот крст-Охрид го заокружи одбележувањето на својот јубилеј
На академијата беа доделени и златни плакети и златни значки за истакнати волонтери од охридскиот Црвен крст.
70 години хумана мисија, волонтеризам. Црвениот крст од Охрид со свечена академија, како јагода на шлагот го заокружи својот јубилеј за почит. Поддржувачи, волонтери поранешни и сегашни, пријатели и партнери на најхуманата организација во светот во еден здив ги проследија интересните уметнички перформанси, но и одличниот документарен филм за историјатот на охридскиот Црвен крст.
„Голема е гордоста и честа секако да се биде лидер на оваа организација која што слави ваков јубилеј и која што има еден огромен број на волонтери и активисти, професионалци, луѓе кои навистина издвоиле дел од себе, за да бидат дел од хуманата мисија и да помогнат на оние кои што помош им е потребна. Горд сум навистина како претседател на оваа организација, што имам такви волонтери, такви луѓе околу мене и што можам да кажам и дека се препознаваме со сите оние луѓе од минатото кои дале свој допринос во организацијата.“-вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст-Охрид.
70 години се прекрасен јубилеј, но Точков вели дека тие тука не застануваат и продолжуваат со посветената работа.
„Ние сме препознатливи во Македонија по она што ги разбивме некои стереотипи за Црвениот крст кои беа врзувани само со крводарителството, ги прошируваме програмите. Навистина посебно во едукативните програми, работата со младите, на тоа се посветуваме и иднината ќе ни биде во тој дел, во едукацијата на младите, во подигањето на оние изгубени вредности, за жал, моралот, етиката кај младите луѓе пред се. Тоа ќе биде нашиот предизвик во иднина.“-рече Точков.
Во рамките на одбележувањето на 70 годишнината од основањето на охридскиот Црвен крст, се промовираа и двете биографии на основоположниците на меѓународната организација на Црвениот крст, Анри Динан и Густав Моние.
„Двете биографии кои ги гледате овде, за Анри Динан и Густав Моние, од почитуваните Роже Дуран и Франсоа Буњион, не доближуваат до хронолошките детали за животот и делата на овие два столба на Меѓународната организација на Црвениот крст и Црвената полумесечина. Динан како идеен творец и основоположник и Моние како институционален поддржувач и афирматор на оваа хумана светска организација.“-изјави Љупчо Милковски-дисеминатор и едукатор во Црвен крст на Р.М.
Инаку во рамките на свечената академија беа доделени и признанија, односно златни плакети и златен знак на Црвениот крст на Македонија на заслужни членови на општинскиот Црвен крст. Охридската организација на Црвениот крст воедно доби и признание од страна на Црвен крст Крагуевац за испратената помош која охриѓани ја донираа за населението во поплавените подрачја во Србија.
{loadposition content9}