Со забава на плоштад и огномет охриѓани и гостите ја дочекаа 2024 год
Туристи од земјава, регионот и светот заедно со охриѓани во прекрасна атмосфера на градскиот плоштад во Охрид ја испратија старата и ја дочекаа новата 2024 та година. Со греано вино, музика и огномет си посакаа желби за здравје, среќа и бериќет .
„Очигледно Охрид станува се поатрактивен за дочек на новата година па одлучивме тука да дојдеме.“ – вели во анкетата за ТВМ, гостин од Скопје.
„Супер е атмосферата. Многу е убаво. Не сум била досега за Нова година тука. Изненадена сум.“ – вели скопјанка.
„Само што се вративме до Бразил. Таму бевме три месеци и рековме во Охрид мора да дојдеме на Нино Величковски и ДНК. Пиеме греено вино и прекрасно ни е.“
„Од Нови Сад доаѓам, Екстра е. Малку дури и подобро од Нови Сад. „
Охрид беше буден до раните утрински часови, покрај масовната прослава на плоштадот весело беше и во угостителските објекти. Градоначалникот Кирил Пецаков на охриѓани и на гостите им посака среќна и успешна нова година.
„ Посакувам многу љубов, среќа, здравје. Како млад човек, а и како градоначалник и дел од новата генерација политичари во 2024 година очекувам промена на функцинионирање на системот , затоа што во изминативе 30 години иако имавме и светли моменти , сепак е време за еден нов момент кога ние како генерација ќе направиме промени и услови за сите оние коишто живеат во Македонија да се чувствуваат достоинствено како што заслужуваат . среќна нова година на сите граѓани, само здравје и успеси. „ – изјави градоначалникот Пецаков.
Главниот туристички центар годинава ја започнува преполн со туристи. Хотелите се скоро целосно исполнети , а најбројни се гостите од регионот Србија, Бугарија, Албанија, Црна Гора. Времето на 1-ви јануари иако облачно , не ги спречи охриѓани и гостите да ги исполнат угостителските објекти во чаршијата и накрајбрежјето, подготвувајќи се за забавите кои претстојат.