Со звуците и танцот на ориенталната турска музика во Охрид гостуваше Балканскиот караван
Презентирана турската култура со Балканскиот караван од општината Кучукчекмеџе од Република Турција. Шеесетина уметници прикажаа дел од нивната култура и фолклор од разни делови на Турција. Караванот патува во пет земји и ќе посети осум балкански градови.
Со звуците и танцот на ориенталната турска музика во Охрид гостуваше Балканскиот караван од општина Кучукчекмеџе од Република Турција. Шеесетина уметници прикажаа дел од нивната култура на градскиот Плоштад. Покрај настапите на фолклористите и музичарите кои презентираа дел од фолклорот од разни делови на Турција меѓу кои и танцот на дервишите, можеа да се видат и изработки на калиграфија, ебру-сликање на вода, сликање на стакло или боречката вештина како што е пеливанството.
„Со настапот во неколку градови на Балканот целта ни е да ја презентираме турската култура и традиција и да покажеме дека имаме многу заеднички работи кои не поврзуваат нас со овие простори“, истакна Оран Озгур, менаџер за односи со странство.
Топло добредојде на турските уметници од Балканскиот караван во Охрид им посака Живка Ангелоска, претседател на градскиот Совет. Почестени сме што караванот минува низ Охрид, градот кој го негува пријателството и има збратимување со турски градови, со кои гради пријателство и зацврстување на врските како што се Јалова, Газиосманпаша, Сафранболи, напомена во обраќањето Ангелоска.
„ Културата, уметноста, обичаите и особеностите на народите преставуваат најефикасен начин за зближување на народите во меѓусебно почитување и градење соработка. Убедена сум дека со Балканскиот караван Вие го почитувате соживотот и ги унапредувате пријателските односи меѓу двете земји знаејќи дека различните култури и религии не поврзуваат и обединуваат“, истакна Ангелоска.
Балканскиот караван гостува во 5 балкански земји и 8 градови во кои ја презентира турската култура и обичаи. Караванот патувањето го почнал од Сараево, а ќе го заврши во Мамуша, близу Призрен.