Социјалдемократите повикуваат не за новите административни вработувања
ОО СДСМ е против новите вработувања во општинската администрација. Локалната власт бара од советниците согласност за измени на годишниот План за вработување на општина Охрид за 2023 година во услови на глобална економска и енергетска криза на утрешната 24 та седница на Советот на општина Охрид, истакна портпаролот Јован Крлев. ВМРО ДПМНЕ побара согласност за унапредување на 8 работници и согласност за вработување на 14 нови работници наспроти испразнатите 4 места по основ на пензионирања.
„Локалната власт на ВМРО ДПМНЕ на овој начин покажува тотална несериозност, игнорирање на актуелната финансиска состојба и најважно од се: непочитување на своите граѓани од чии средства во најголема мера се полни општинскиот Буџет. Планираните вработувања на нови раководители, соработници и референти не претставува потреба произлезена од работата, туку задоволување на својата партиска агенда“, кажа Крлев.
Локалната власт има потреба од 14 нови работници од кои во најголем број раководители, соработници и референти во услови кога јавните претпријатија мака мачат да поделат плата на своите вработени, а голем број се на привремен принуден одмор. За овие нови вработувања глобалната економска и енергетска криза не претставува никаков проблем, но таа криза беше причина речиси сите јавни претпријатија да ги зголемат цените за своите услуги, без финансиска анализа, напомена Крлев.
„Со ваквата одлука се разобличува театралноста и лажната загриженост на локалната власт за граѓаните. Паѓаат во вода сите оправдувања дека цените во јавните претпријатија ги поскапуваат како неминовна последица од економската криза. Паѓаат во вода сите обвинувања кон централната власт и претходното локално раководство Општината е на граѓаните, а не на ВМРО ДПМНЕ. Граѓаните имаат право да знаат како локалната власт ги планира и троши нивните средства од кои е конструиран општинскиот Буџет“, подвлече портпаролот на ОО СДСМ.
Од СДСМ упатуваат апел до сите советници во Советот на Општина Охрид, без разлика на партиската определба, да застанат на страната на граѓаните и да не го дадат својот глас за 14 нови вработувања во општинската администрација. На граѓаните не им се потребни нови раководители туку капитални инвестиции кои ќе го направат подостоинствен и поквалитетен нивниот живот, повика Јован Крлев портпаролот на ОО СДСМ на денешната прес конференција.