Отворени денови на Центарот за социјални грижи
Секој вторник и четврток граѓаните можат да го посетат центарот и да разговараат со службите за се она што ги интересира околу остварување на некое нивно социјално право.
Вратите на Центарот за социјална работа секој вторник и четврток ќе бидат ширум отворени за граѓаните. Овие се таканаречени отворени денови кога охриѓани можат да го посетат центарот и да разговараат со службите за се она што ги интересира околу остварување на некое нивно социјално право. Овај проект се спроведува со цел да се овозможи поголема достапност на информации и отвореност на Центарот кон граѓаните, а во функција на полесно остварување на одредени права и услуги.
Ние очекуваме оваа активност да наиде на добар прием кај граѓаните. По потреба, за лицата кои што нема да можат да дојдат во просториите, вакви средби ќе можат да се остварат во нивните домови врз основа на претходно договорена средба. – вели директорот Каљоши.
Центарот за социјална работа во текот на изминатата година овој проект неколку месеци го спроведуваше и во руралните средини во општините Охрид и Дебрца. Каљоши вели дека и понатаму продолжуваат со оваа пракса. Директорот кажа дека од оваа година воведуваат и неколку новини согласно Измените во Законот за социјална заштита. Станува збор за остварување на правото на парична помош на самохран родител чие дете е со пречки во развојот, како и додаток на глувост кој за прв пат се реализира во Република Македонија. За остварување на правото на глувост странките треба да донесат лична карта, медицинска потврда, а потоа се упатуваат на лекарска комисија во Скопје или Битола за да се утврди степенот на глувост.
Ние веќе стапивме во контакт со Здружението на лица со оштетен слух и се договоривме барањата да ги достават координирано за да можеме и контролата да ја реализираме организирано со заеднички превоз. На тој начин ќе им заштедиме и време и трошоци, вели Каљоши.
Паричната помош за родителите кои имаат дете со пречки во развој ќе изнесува 4000ден. Но, не секој родител може да го оствари ова право, вели Каљоши. За да добие парична помош треба од 01.01 2014 во континуитет наредните 15 год. да се грижи за своето дете и тоа во семејниот дом. Не смее да го згрижи во некоја специјална установа.
{loadposition content9}