Социјални пакети за семејствата во ризик
Поделена хуманитарна помош за 250 семејства во социјален ризик. Пакетите со храна и средства за хигиена беа доделени на социјално загрозени семејства од Охрид и Дебрца. Со оваа хуманитарна акција заврши кампањата „Недела во борба против гладот“. Членовите на Лајонс клубот „Десарети“ по 15 пат се вклучуваат во оваа кампања за да им помогнат на сограѓаните кои се нашле во тешка економска состојба во соработка со Општинската организација на Црвен крст, напоменува Устијана Речкоска Шикоска претседателка на Лајонс клубот Десарети.
„Има многу социјално ранливи категории на кои треба да им помогнеме. Голем е оној кој што дава и помага. Се обидуваме да ја поддржиме акцијата во соработка со ОО ЦК за да донесеме насмевки на лицата на некои дечиња, но и на повозрасните сограѓани кои ќе ги искористат нашите донации“.
Покрај, ЛК Десарети во хуманитарната акција за борба против гладот се приклучија и ЛК Деница, неколку општествено одговорни компании и маркети, кажува Сашо Точков, претседател на ОО ЦК. Вклучени беа и младите, родителите на учениците кои дадоа свој придонес, кој колку може со донирање во оваа кампања. Собраните прехранбени производи и хигиенски средства се поделија на семејствата кои имаат повеќе деца, а дел ќе бидат поделени во месец ноември. За жал, бранот на економската криза опфаќа се поголем број на охридски семејства кои се принудени да побараат помош од ОО ЦК.
„Уште од почетокот на годината, а особено од месец септември притисокот е многу зголемен од луѓето кои имаат социјално-економски проблеми .Тие се обраќаат до нас за најразлична помош. Се бара помош за лекување, за купување на лекови , потреби од храна и хигиенски средства, различни потреби за опстанок. Голем е нивниот број иако доаѓа ситуација кога очекуваме дека притисокот ќе се зголемува. Особено е голема потребата за огревно дрво“.
Претседателот на ОО ЦК , нагласува дека се обидуваат да им излезат во пресрет на сите граѓани во социјален ризик. Помагаат во рамките на нивните можности кои стануваат се поограничени затоа што кризата ја чувствуваат сите и граѓаните и бизнис секторот.