Skip to main content

Охридско крајбрежје

Солидно исполнети хотелските капацитети за Велигденските празници

Во текот на продолжениот Велигденски празничен викенд хотелските капацитети на охридското крајбрежје ќе се исполнат помеѓу педесет и шеесет проценти со гости од земјава и регионот. Тоа ги подгрева надежите на хотелиерите и угостителите дека претстојната туристичка сезона ќе биде поуспешна од минатогодишната.
 |  инфодеск  | 
Охрид

За Велигденските празници хотелските капацитети на охридското крајбрежје солидно исполнети. Претежно домашни гости и туристи од соседните земји ќе го поминат продолжениот празничен викенд во Балканскиот Ерусалим.

Оваа година интересот за Велигденските празници е доста поголем за разлика од минатата година. Пополнетоста на хотелските капацитети се движи од 50% до 60% со гости претежно од нашата земја, како и гости од Србија и Црна Гора. А секако се очекува интерес и од другите земји од регионот – истакна Наташа Цветаноска, хотелиер.

Охрид пристаниште

Иако за претстојниот Велигденски викенд, хотелиерите најавија дека ќе ги пречекаат гостите со услуги поскапени за над 30 отсто, сепак се очекува тоа да не ги премисли традиционалните посетители на Охрид. А градот за празници секогаш го исполнуваат и сопствениците на викенд станови. Угостителите се оптимисти дека ќе има работа за претстојните Велигденски и првомајски празници што пак, ќе им ги подгрее надежите дека ќе следува успешна туристичка сезона.

Се очекува прилив на гости претежно од земјава. Меѓутоа оптимисти сме дека ќе имаме посетеност и од околните соседни земји. Нам како угостители ни претставува голем показател посетеноста за Велигденските празници, да кажеме и првомајските за тоа каква ќе биде претстојната сезона во Охрид и регионот. Затоа со голема надеж гледаме на посетеноста за овие празници. Се надеваме дека како град и како туристичка дестинација убав впечаток кај посетителите – вели Михаил Мишев, угостител.

Охрид Канео

Целосна пополнетост на хотелско-угостителските капацитети се очекува со почеток на Првомајските празници кога ќе започне и туристичката сезона. На охридската ривиера ова лето се очекуваат гости од Холандија, Турција, Полска, Англија.