Skip to main content

Елитен туризам во Охрид ниту е возможен ниту ни е потребен

Сонот за елитен туризам, сам по себе не е доволен

Веќе години наназад, Охрид го посетуваат сениорите, кои бараат кратки, но богати културни содржини и јуниорската категорија, од кои помал дел доаѓаат за спортски активности и авантуристички туризам, и оние побројните, кои доаѓаат за забава. Туризмолозите, објаснуваат,  дека за елитен туризам потребна е специфична туристичка инфраструктура која за жал Охрид како туристичка дестинација, сега за сега не ја поседува.
 |  Голабовски Крсте  | 
туристи

Со слабеење на потрошувачката моќ на современиот турист, се дава предност на младата категорија посетители, кои впрочем се и гостите кои и оваа сезона се најбројни во нашиот град. Другата категорија посетители, оние повозрасните, со малку подлабок џеб, бараат краток престој, збогатен со богати културни содржини, објаснуваат туризмолозите. Проф. д-р Науме Мариноски, редовен професор на ФТУ, објаснува дека само преку диверзификација на туристичката понуда, можеме да целиме пред се кон квалитетна и успешна туристичка сезона.

„Нашите истражувања беа насочени кон тоа, што би прифатиле сениорите. Тие тоа најчесто го артикулираат низ призма на посети со кратки содржински карактеристики, поврзани најчесто со културата. Наспроти тоа имаме млада популација, која едноставно надојде, врз фактот  дека куповната сила на населението опадна и луѓето сега практикуваат барем младите да дојдат. И во рамките на сегменатцијата на јуниорските посетители имаме две категории. Едните се оние кои повеќе се занимаваат со спорт и оние кои тоа едноставно го занемаруваат и претставуваат и голем проблем.“ – вели Проф. д-р Науме Мариноски.

Сонот за развој на елитен туризам сам по себе не е доволен. За развој на овој вид туризам, треба многу повеќе. Пред се потребно е перманентно да се подобрува квалитетот на услугите, објаснува Мариноски. Тоа подразбира збогатени и квалитетни хотелски сместувања, со различни угостителски анимациски понуди, односно, хотелиерството треба да ја води таа акција за воведување на елитниот туризам во понудата кај нас. 

„Елитизмот е категорија која најчесто се однесува на нешто што другите не можат да си го приуштат. Јасно е дека квалитетот на услугите ќе води кон елитизам. Значи елитизмот свои шанси наоѓа во насока во подобрување на понудата и на туристичките производи.03,48 (лепи) 05,12„ние не можеме да брендираме некои мегаломански карактеристики кои ги има елитизмот во светот, затоа што капацитетите кои ги имаме се сосема мали. Ние не можеме да се споредуваме со елитните хотели кои ги имаме во такви дестинации.“ – посочува професор Мариноски.

За развој на елитен туризам со ексклузивни гости, по примерот на монденските летувалишта во светот, Охрид има уште многу да работи. Мора да работиме на развој на патна и комунална инфраструктура, на подигање на свеста на населението за зачувување на културните и природни вредности со кои располагаме,  па се до инвестирање во изградба на луксузни сместувачки и угостителски капацитети. Професор д-р. Мариноски објаснува дека елитниот туризам треба да се прифати условно, а не како апсолутна категорија. Објаснува дека ако под елитизам го подразбираме оној кој го нудат најразвиените туристички дестинации, тоа ниту ни е потребно, ниту е возможно. Но, она што можеме да го направиме е перманентна диверзификација на хотелските капацитети и квалитетни угостителски услуги со кои барем ќе станеме една од оние поквалитетни туристички дестинации.