Сонот на младата Ана Стојаноска е да ги освои светските тениски терени
Оваа 12 годишна охриѓанка во моментов е државен првак во тенис во категоријата јуниори. Во тенискиот клуб Охрид тренираат 50 – тина тенисери и потврдуваат дека е расадник на квалитетни тенисери.
Ана Стојаноска е тениската спортска надеж на Охрид. Таа нижи успеси на тениските терени и турнири во земјава и надвор. Деновиве се закити со титулата државен првак во тенис во категоријата јуниори. На тениските терени вредно тренира тенис по 2 до 3 часа днeвно. Оваа 12 годишна основка од ОУ Христо Узунов со тенискиот рекет се дружи од својата 4-та година. За трудот кој го вложува во белиот спорт вели дека не и е тешко и дeкa има волја и дава се од себе да победува на турнирите.
„Сакам да се дружам со децата тенисери од Македонија на секој меч. Сконцентрирана сум, со сета моја волја сум сконцентрирана и сакам да победам. Кога ќе освојам турнир многу сум радосна“, раскажува Стојаноска.
Спортски идол на младата надежна , охридска тенисерка Ана Стојаноска е првиот светски тениски рекет Новак Ѓоковиќ. Нејзиниот сон е да ги освои светските тениски терени како Вимблдон, Роланд Гарос, Австралија Опен.
„Тоа е многу голем сон за мене и посакувам тоа да го остварам. Посакувам да бидам славна тенисерка и да го посветам мојот живот на тенис“, искрено споделува Стојаноска.
Младата тениска надеж, Ана Стојаноска, за својот успех и секојдневните тренинзи ,вели дека се заслужни и тренерот Миливој Крстески, но и нејзините постари брат и сестра Стојан и Тања, кои исто така се успешни тенисери. Во моментов со ТК „Охрид“ работат и ги пренесуваат знаењата и искуствата тренерите Мичо и Тања Стојаноска. Тања кажува дека има интерес кај младите за тренирање на тенис во градот , но недостасуваат услови за работа во зима и се тренира во несоодветни услови.
„Условите за тренинг се супер во лето, а во зима нема добри услови. Нема затоворена сала или балон. Сите успеси кои ги имаат достигнато тенисерите од претходните генерации и сегашните биле со труд на тренерите, родителите и децата кои , на некој начин се мачеле да најдат простор и време за тренинзи“, напоменува тренерот Стојаноска .
Од ТК „Охрид“ посакуваат градот да добие затворена сала за тенис. Клубот кој има традиција , кој давал и дава спортисти со врвни спортски резултати го заслужува тоа.
Во моментов ТК „Охрид“ брои 50 -тина членови.