Skip to main content

квалитет на воздух

Сообраќајот и домаќинствата се најголемите загадувачи на воздухот во Охрид

Сообраќајот и домаќинствата кои се греат со цврсто и течно гориво се најголемите загадувачи на воздухот во Охрид. Загадувањето е најевидентно во зимските месеци кога се евидентираат повеќекратни надминувања на дозволените концентрации на загадувачки честици во воздухот. Загадувањето на воздухот е водечки фактор на ризик по здравјето на населението кое предизвикува низа болести и зголемена смртност. Во процес на донесување е План за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Општина Охрид, за кој денеска беше одржана јавна распарава.
 |  Маја Савиќ  | 
Охрид

Во општина Охрид годишно, во просек се губат 133 животи заради изложеност на загаден воздух, при што  стапките на смртни случаи и на хоспитализации заради респираторни болести во  Охрид во периодот 2019-2021 година,  се повисоки од националниот просек.

Клучни загадувачи на воздухот во Охрид се домаќинствата и сообраќајот, по што следуваат производствените деловни субјекти. Домаќинставта претежно се греат на цврсти горива. Најголем дел од административните субјекти, училишта и установи во општината ( 71% ) како гориво за загревање користат нафта. Според податоците за возниот парк достапни за 2021 година, во Охрид се регистрирани вкупно 19160 возила, од кои 86% се патничките возила кои претежно се доста стари односно повеќе од половината се возила со низок Еуро стандард.  Ова се податоци од анализите во Нацрт верзијата на Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во Општина Охрид за кој денеска беше одржана јавна расправа.

Критична загадувачка супстанца во воздухот во Охрид се ПМ10  честичките. Надминувањата на граничната вредност за нив се особено забележителни во текот на студените месеци кога се регистрираат повеќекратни надминувања на прагот на загадување, вели Јасмина Момироска – Одделение за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид.

„Законски за прагот на надминување на квалитетот на амбиентниот воздух, на пример за ПМ 10 честиците прагот е 50мг/м3, а во Општина Охрид во изминатата година имало надминување 36 пати. И за таа цел се изработува овој План за подобрување на квалитетот на воздухот.  Надминувањата, тие 36 што се регистрирани во општинава во изминатата година, се часовни надминувања, не се целодневни, најчесто се во вечерните и раните утрински часови кога најмногу се грее, кога е студено тогаш се палат ќумбињата и тогаш се тие најголеми надминувања на ПМ 10 честиците. Од индустријата немаме големо загадување, според елаборатите, според Б интегрираните дозволи, тие се контролирани загадувачи. “ – вели Момироска.

Планот за подобрување на квалитетот на воздухот содржи 17 мерки при што акцент е ставен на енергетска ефикасност.  Субвенционирање на граѓаните за купување клима уреди и за поставување на сончеви колектори или геотермални пумпи за замена на цврстите фосилни горива со алтернативни начини на загревање на домовите, замена на системите за греење кои користат мазут и дрва во училиштата и административните објекти, субвенционирање на набавка на велосипеди и електрични скутери, оптимизирање на сообраќајот во центарот на градот, зголемен надзор врз отворените градилишта за контрола на емисиите на прашина како и организирање на  Ден без автомобили се дел од предвидените мерки.  

Според екологистите најгорлив проблем со загадувањето во сливното подрачје на Охридското езеро и понатаму е депонијата Буково.

„Во депонии каде не се преработува материјалот свесно се палат за да се намали масата за да може да се носи друг отпад и да се складира таму. Но, кога ќе изгори материјалот депониран тука и ќе се создаде големо чадење тоа е огромен проблем. Мора да се преземат многу работи. За да биде поднебјето богато со кислород мора да се заштитат шумите. Јас побарав во сливното подрајче на Охридско Езеро шумите да се прогласат за заштитени шуми, шуми за посебни намени., вели Лазо Наумоски, екологист.

Нацрт верзијата на Планот за подобрување на кавалитетот на воздухот во Општина Охрид е на јавен увид до 14-ти април до кога граѓаните можат да доставуваат свои предлози и забелешки, по што ќе биде ставен на усвојување од Советот.