Сообраќајната култура на ниско ниво
Сообраќајниот хаос го прават сите учесници во него, а не само возачите на моторни возила, смета Соња Шикалоска, сообраќаен инжињер и инструктор. Сите учесници се одликуваат со некој вид низок степен на култура во сообраќајот. Секојдневно, сме сведоци на ситуации кога доаѓа до израз сообраќајната некултура. Таа се гледа во непочитување на предност на минување на пешаците на пешачките премини, узурпирање од возила на тротоарите, пешачките и велосипедските патеки, недржење доволно растојание од велосипедистите, нетрпелив однос кон постарите и изнемоштените лица, наведува Шикалоска.
„Сообраќајната култура е на многу ниско ниво. Почнувајќи од движењето на пешаците, велосипедистите кои непрописно ги користат сообраќајните површини, од превозот на деца во училиште или градинка, излегувањето и влегувањето во автомобилите и прикористење на новото превозно средство електричен тротинет, за кое родителите не знаат од која возраст може да го управуваат децата“- набројува дел од соорбраќајното некултурно однесување, Соња Шикалоска, сообраќаен инжињер и инструктор.
Културата и безбедноста во сообраќајот се во взаемна корелација. Безбедноста во сообраќајот зависи од нивото на сообраќајната култура на сите учесници, децидна е Шикалоска. Прописното однесување во сообраќајот се учи од најмали нозе, многу е важно како ги воспитуваме и каков пример им даваме на децата. На јавните површини треба да внимаваат не само возачите туку сите учесници во сообраќајот.
„Пешачкиот остров како поим најмалку се разбира. На тој простор пешакот не треба да претрча туку да застане и да обрне внимание на возилата кои доаѓаат “-кажува Шикалоска.
На Светскиот ден на културата во сообраќајот се испраќа порака за зголемено внимавание на јавните површини на сите учесници. Стоп за брзањето, намалување на нетрпеливоста и поголема толеранција кон останатите. Препорака до возачите да се почитува знакот стоп и да се има поголема трпеливост кон возачите почетници.