Сообраќајни знаци и казни за граѓаните кои со автомобили ќе возат по новата пешачка патека
Граѓани деновиве реагираа на социјалните мрежи споделувајќи слики и видеа на кои се гледа како несовесни охриѓани паркираат и возат на новата патека наменета за пешаци и рекреативци.
Уште недоизградена, новата пешачка рекреативна патека несовесни возачи ја користат како сообраќајница. Изминативе денови поголем број на граѓани реагираат на оваа негативна појава споделувајќи слики и видеа на социјалните мрежи. Оваа практика на охриѓани ја забележале и од локалната самоуправа од каде велат дека во најскоро време ќе бидат преземени мерки.
„Седум-осум дена и до нас стигнуваат поплаки од совесни и загрижени граѓани дека пешачко рекреативната патека кај Студенчишта ја користат и автомобили. Она што ние следува да го преземеме во најкус можен рок е поставување на соодветна сообраќајна сигнализација за забрана за движење на леки и тешки товарни возила автомобили на соодветниов потег освен за возилата за дотур на роба кои служат на оние два-три објекти кои гравитираат во овој дел од направената пешачка патека.“-вели портпаролот на Секторот за комунален развој, сообраќај и улици, Љупчо Танески.
Со цел постигнување на поголем ефект, Танески вели дека ќе имаат координиран настап со Секторот за внатрешни работи односно сообраќајната полиција. Ги контактиравме и во СВР-Охрид. Од секторот велат дека досега извршиле неколку проверки на ова подрачје кај патеката, но за разлика од граѓаните кои ги фотографираат автомобилите на пешачката патека, полициските службеници не затекнале возила.
Портпаролот на СВР-Охрид, Стефан Димоски потенцира дека нема да се дозволи самоволно однесување, а возачите кои ќе бидат затекнати на патеката ќе бидат соодветно санкционирани, односно казнети. За да се премине од зборови на дела најавуваат интензивно присуство на полициски службеници на овој потег се до целосно елиминирање на оваа појава. Апелират на доследно почитување на законските прописи и сообраќајната сигнализација која во најскоро време ќе биде поставена таму.
Сега останува да видиме што ќе профункционира побрзо, совеста на граѓаните или санкциите на СВР Охрид кои извесен период наназад најавуваат средување на состојбите во сообраќајот во градов, особено во летниот период. На крајот на краиштата, уште пред да се започне изградбата на патеката, мислењето на јавноста беше дека новата пешачка патека ќе биде користена токму како сообраќајница пред се во вечерните часови од посетителите на угостителските објекти на тој потег.