Продолжува соработката помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Народното читалиште „Факел 1920“ од Софија

Од НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид информираат дека соработката започната пред четири години со Народното читалиште „Факел 1920“ од Софија, Бугарија продолжи и минатата недела.

–Лани гостите од Софија во Библиотеката имаа средба со обострана културно – уметничка програма со волонтерите од Програмата за грижа за стари лица „Најди време“ при Црвен крст Охрид, а годинава средбата се случи кај нив. Љубезните домаќини најпрво оставија гостите да се претстават со свои музички и рецитаторски точки во кои учествуваа и членови од Народното читалиште „Браќа Миладиновци 1917“ од населбата Књажево – Софија. Секако со свој поетски творби возвратија и домаќините. Библиотеката на сите им даруваше книги од македонски автори. Присутните заеднички заклучија дека ваквите средби меѓу луѓето се посебно инспиративни и се продлабочуваат пријателските врски, велат од установата.


Во нивното соопштение додааат и дека гостите од Софија упатиле покана до домаќините да одат во возвратна посета.






