НУ Библиотека „Григор Прличев“ ја проширува соработката со образовните институции во Охрид

Директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“, Христина Трпеска, во рамките на промотивните активности на установата, деновиве го посети Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, каде што оствари средба со новата директорка на Домот, Милена Стојаноска.
На средбата, во рамките на колегијалниот разговор и меѓусебното запознавање, било договорено наскоро меѓу Домот и Библиотеката да биде потпишан Меморандум за соработка.
Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид се наоѓа пред долгонајавуваната реконструкција, како и во фаза во која се бара нова локација за негово непречено функционирање. Во тој контекст, Библиотеката на студентите ќе им понуди можност за зачленување, користење на стручната литература, како и простор за учење во сопствената читална.
Во рамките на промотивните активности, оваа есен НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе ги посети и останатите основни и средни училишта во Охрид, Факултетот за туризам и угостителство и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“.
Целта е Библиотеката дополнително да го прошири своето присуство меѓу учениците и студентите, да ги запознае со своите услуги и да ги стави на располагање своите библиотечни фондови, просторни и други капацитети.



