Соработка на Касарна Хаб и Сефиданис
Денес во просториите на Касарна Хаб беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Касанра Хаб проект Ohrid Go, имплементиран од Општина Охрид и Друштво за истражување и развој Сефиданис Охрид.
Хабот функционира веќе еден месец со активности за запознавање на јавноста со можностите кои ги нуди, а овој меморандум е прво официјализирање на конкретна соработка со институција која се занимава со научни истражувања од ИТ секторот, посочи Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.
„Целта на ова потпишување на меморандум е воспоставување на понатамошна соработка во однос на заедничко пишување проекти, заедничко вршење обуки и тренинзи, сето тоа што би било во интерес на овозможување подобри услови за развој на младите лица во Општина Охрид“,- вели Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.
Меморандумот го потпишаа градоначалникот Кирил Пецаков и основачот и управител на Друштвото за истражување и развој, Проф.Д-р Анис Сефиданис. Градоначлникот на Општина Охрид, на оваа соработка гледа со многу можности, имајќи ги предвид капацитетите кои ги поседува професорот Сефиданис.

„Се надевам дека од оваа соработка, не само проекти туки и многу од оние негови изуми и работи на кои што работи секојдневно ќе можеме и ние како општина да ги користиме а секако дека ќе можат благодетите да ги гледаат не само охриѓани туку и сите оние туристи кои што го посетуваат градот уште еднаш ќе кажам дека во скоро време ќе ги видиме благодетите од ова потпишување меморандум за соработка со професорот Анис Сефиданис“,-кажа градоначалникот Кирил Пецаков
Се наоѓаме во предвечерјето на четвртата индустириска револуција каде што новите технологии како што се вештачката интелигенција, виртуелната реалност, роботика ќе го траснформираат секој сегмент на животот најмалку колку што тоа го направи пронаоѓањето на елктричната енергија смета Проф. Сефиданис и потенцира дека токму ИТ секторот е прв повикан да одговори на предизвици и ризици од дигиталната ера.
„Целта на оваа соработка е тие иновации да се преточат во применети решенија за секојдневниот живот со цел да се подигне нивото на квалитетот на услугите а воопшто и нивото на искуството кое современиот човек треба да го има во една нова парадигма на паметен град“,-смета Проф.Д-р Анис Сефиданис.
Професорот вели дека со оваа соработка практично се насадуваат првите никулци за во иднина да се овозможи на целокупната индустрија од регионот успешно да се справи со дигиталната трансформација како неопходен процес за преживување во новата ера.