Skip to main content

СВР Охрид

„Соседска патрола“ во Охрид затекна повеќе малолетници кои консумираат алкохол

Родители патролираа викендов по угостителските објекти заедно со полициските службеници. Притоа затекнале повеќе малолетни лица кои по 24 часот консумираат алкохолни пијалоци поради што на правниот субјект и на одговорното лице, ќе им бидат поднесат соодветни пријави.
 |  инфодеск  | 
соседска патрола

Викендов (15/16.07.) во Охрид од страна на полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Охрид, беше реализирана превентивна кампања – „Соседска патрола“. Мешаните патроли составени од полициски службеници, претставници на Советот на родители во основните училишта, од Секторот за образование при локалната самоуправа, како и претставници од Центарот за социјални работи, извршија превентивни обиколки на угостителските објекти како и на местата односно собиралиштата на отворен простор каде што во ноќните часови најчесто се собираат младите.


Целта на кампањата беше родителите да видат каде и како младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните проблеми со кои се соочуваат, да се направи увид во однесувањето на нивните деца кога се надвор од домот, но и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.“ – велат од МВР.


Притоа, полициските службеници затекнале повеќе малолетни лица кои по 24 часот консумираат алкохолни пијалоци поради што на правниот субјект и на одговорното лице, ќе им бидат поднесат соодветни пријави.

Инаку, целта на проектот „Соседска патрола“ е преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата, граѓаните и локалната заедница, односно локалните институции, а во насока на придонесување кон зголемување на степенот на безбедноста, намалување на можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, и секако – подигање на општествената свест за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места преку доследно почитување на законските одредби пред се, од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Во текот на летниот период, проектот „Соседска патрола“ ќе продолжи да се реализира на целото подрачје под надлежност на СВР Охрид.