Состојбата со браната на Слатинско Езеро сеуште критична
Состојбата со акумулацијата Слатинско Езеро не е променета во однос на вчера.
Трет ден ситуацијата по расцепувањето на браната кај акумулацијата со Слатинско Езеро не е променета. И денеска просторот е обезбеден, заштитен од минувачи и љубопитни граѓани, но во секој случај под будно око на екипи од СВР и центарот за управување со кризи. „Нарушувањата се сериозни и секако ризикот за поголеми штети и продирање вода низ браната се поголеми. Во последните 24 часа во регионот на сливното подрачје на Мраморечка река и Слатинското езеро имаше зголемени врнежи од дожд што дополнително ја зголеми количината вода во водниот басен што ја зголемува и опасноста од рушење на браната“, вели Митко Темелковски од центарот за управување со кризи.
„Во моментов вишокот на вода се испушта преку цефководот кој во текот на вчершниот ден беше оспособен од ФИ 355 милиметри и преку оточниот канал од кој што се врши прелевње на вода. Од технички аспект во овој момент не можеме да кажиме кога ќе го решиме проблемот, но во смисол на одлевање на количество на вода преку цефководот би било 07 и 08 метри кубни вода во секунда, што би ја подобрило состојбата за празнење на акумулацијата но меѓутоа во овие влошени хидролошки прилики не би многу помогнало“, вели Митко Темелковски од центарот за управување со кризи.
Темелковски додава дека опасностите по однос на животите на луѓето и стоката и имотите се исти како и вчера. Тој објаснува дека во случај доколку браната би попуштила би можеле да бидат загрозени од три до пет куќи во дел од селото Слатински чифлик и би биле загрозени земјоделските површини во атарите на селата Слатино, Слатински Чифлик и Издеглавје.
Во овој период СВР Охрид го обезбедува просторот, дел од жителите на Слатински Чифлик се евакуирани и во наредниов период преку Локалната самоуправа од Општина Дебрца ќе се направат напори за соодветни заштитни мерки во зоната на селото Слатински Чифлик, објаснуваат од центарот за управување со кризи.
Спортските рибловци бараат совет и помош од надлежните за рибниот фонд. Тие порачуваат дека што побрзо треба да превземат нешто, за да ја заштитат автохтоната риба која живее во ова езеро.
„За жал веќе трет ден ништо не се превзема за санирање на штетата на акумулацијата Слатино и самата брана е оставена на милост и немилост на времето. Ние како концесионери на рибниот фонд не знаеме како да реагираме затоа што по некои сознанија сеуште нема формирано ни кризен штаб за да знаеме дали е безбедно да се влезе, или не е, за да можеме да влеземе да го заштитиме рибниот фонд. Но преку инспекторот за рибарство е поднесено барање до хидробилошки завод која е овластена да даде мислење, што да превземеме понатака со рибниот фод, дали да го изловиме понатака со некои мрежи, влакови и кај да го префрлиме, и дали е тој штетен затоа што е автохтона риба, дали е здрав дали треба во карантин. Ништо не знаеме што да превземеме додека не добиме официјално мислење од нив“, вели претседател на СРД Св. Апостол Петар, Радован Димитриески.
Димитриески е категоричен дека тие ќе ги пратат инструкциите на инспекторот за рибарство, хидробиолошкиот завод и кризниот штаб доколку постои.
За потсетување во 2011 год. Истата акумулација имаше проблем со вретеното на испусниот шибер , меѓутоа овој проблем многу брзо беше решен. Инаку поголема санација на браната е направена во 1993 год. Кога сите појавени каверни од страна на Охриското Езеро беа санирани, меѓутоа од ЦУК објаснуваат дека треба да го имаме фактот дека локација каде што подлогата е составена од природен матријал – бигор кој е доста водопропустен, порозен и има слаби биомеханички карактеристики. Од центарот признаваат дека локацијата каде е браната во моментов е премногу ризична, поради што веднаш била исклучена можноста да биде ангажирана механизација и луѓе кои би ги пополнувале пукнатините.
{loadposition content9}