Советот на Општина Охрид ја одржа 37-та седница
Советот на Општина Охрид денеска ја одржа 37-та седница со 11 точки на Дневен ред.
Советниците дадоа согласност за зголемување на вредноста на бодот за за 10% за пресметка на бруто плата на вработените во ЈП „Водовод“ и ЈП „Нискоградба “кои имаат статус на административни службеници за 2024 година. Беа изгласани и измени на ценовникот на услуги на ЈП Нискоградба Охрид – Охрид.
Поминаа и одлуките за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на градежно и земјоделско земјиште земјиште за календарската 2024 година утврдена врз основа на извршените купопродажби во претходната година на подрачјето на општина Охрид, како и одлука за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот (објекти) на подрачјето на општина Охрид.
Советниците дадоа зелено светло за донесување локален акциски план за управување со отпад на општина Охрид за 2024 – 2025 година.
Изгласаа план и програма за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територија на општина Охрид.
Од сферата на урбанизмот помина одлуката за утврдување Нацрт Детален урбанистички план за УЗ 2, дел од УБ 3 – опфат 5, КО Охрид 3, 2014-2029.
Како дополнителна точка советниците ја усвоија одлуката за утврдување на приоритет на: „Проектот за намалување на загуби на вода со намена и инсталација на мерни инструменти за далечинско отчитување на комплет со инсталација и конфигурација на опрема за отчитување во Општина Охрид“. Со овој проект се очекува значително подобрување на водната инфраструктура во општината.