Советот на Општина Охрид го усвои нацрт буџетот за 2025-та
Градските советници го донесоа Нацрт буџетот на Општина Охрид за 2025 година тежок околу 19 мил евра. Опозицијата со забелешки за предвидени мали износи на средства за капиталните проекти најавувани дека ќе се реализираат во претстојната година и дека продолжува праксата на локлнаата власт поголемите проекти да се преместуваат во развојните тригодишни програми, односно од 2026та па натака.
„ За 2025 година за плоштадот Крушевска република се предвидени 3 мил. Денари, а во развојната програма сигурно ќе има дополнителни средства бидејќи овие 3 мил не се доволни за изработка на прооект, а не за таков потфат. Исто така изградба на катна гаража, предвидени 10 мил денари, тоа се 160 000 евра , значи повторно во развојната програма за наредната година се предвидени 150 000 и тн. Значи и катнава гаража можеби само ќе се започне нешто бидејќи со овие средства што се предвидени не може катна гаража да се изгради.“ – кажа Ванчо Костоски од ВМРО-НП.
„Веќе е јасно, ако се земе во предвид нацрт буџетот дека нема да отпочне изградбата на новото училиште во старата зграда на ОУ Григор Прличев, затоа што веќе зело свое место , онака како што бива со оваа локална власт, во 2026 година за реализација. Нема да има ни нова детска градинка, повторно наведено е дека ќе се отпочне во 2026-та. Она значи што е за очекување е да видиме проектите катна гаража , велосипедската патека, видоизменета, Охрид – СвСтефан дека ќе бидат направени и сега кога нема пречки кои биле предходно, да биде направен и плоштадот Крушевска република. Меѓутоа според она што го видовме во програмите далеку е од тоа дека ќе бидат реализирани, туку се навестува дека можеби ќе бидат отпочнати.“- кажа од говорницата Живка Ангелоска од СДСМ.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески во однос на предвидените средства во нацрт буџетот за плоштадот Крушевска република и катната гаража кажа дека износите се за да се отпочнат активности, додека пак целосната финансиска рамка ќе биде позната во февруари за кога е најавен повикот на владата за финансирање капитални проекти во општините. Локалната очекува до крај на декември да биде издадено одбрението за градба за плоштадот, а во текот на јануари и одобрението за катната гаража и со двата проекти да аплицира за средства на повикот на Владата.
„Значи следнава година ќе отпочнат двата проекти. Јас се надевам дека Крушевска република ќе биде завршен до изборите, а за катната гаража сигурен сум дека ќе биде отпочнат и до изборите дека ќе биде во некоја напредна фаза. Тоа се проекти кои беа ветени во изборната програма на градоначалникот и за кои три години имавме проблеми со издавањето на одобренијата за градба. По однос на велосипедската патека , проектот е при крај , треба да се достави на согласност во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со оглед дека тоа е надлежно за тој пат и ќе го отпочнеме и тој проект следнава година.“ – рече Китески.
Советникот од ВМРО НП, Ванчо Костоски изнесе и забелешка дека планираните 6,5 мил денари во нацрт програмата за заштита на животната средина се премалку и дека за тој сектор треба да се издвојат трикратно повеќе. Исто така смета дека локалната има несериозен пристап во планирањето на средствата за енергетска ефикасност. Побара одговор за проектот за енергетска ефикасност на три основни училишта, за кој советот даде согласност за кредит од Светска банка ,а во кој општината учествува со 36 милиони сопствени средства.
„Гледам во Буџетот за 2025 година за оваа намена , ако не грешам , само 10 мил денари се предвидени. Значи од 82 милиони колку што ќе чини овој цел зафат на три училишта за енергетска ефикасност , што е за поздравување, во 2025 година само 10 милиони. Што значи тоа, дека само ќе се отпочне со некоја работа? За 2026 се предвидени 15 мил денари, значи вкупно 25 милиони.“ – праша Костоски.
До јули 2026 година проектите за енергетска ефикасност на трите основни општински училишта „Св Климент Охридски“, „Братство и Единство“ – Лескајца и „Христо Узунов“ треба да бидат финализирани, потенцира Јоне Станкоски од Секторот за јавни дејности. Додаде дека во тек се процедурите за добивање одобренија за реконструкција за сите три училишта.
„Зошто сега се предвидени олку средства за 2025та? Бидејќи очекуваме активностите да започнат после завршување на овие процедури за да може да се влезе во активности. Олку средства се предвидени и затоа што во 2025та имаме инвестиции и во останатите училишта во Охрид, некаде над 100 мил денари се наменети во буџетот само за основно образование од кои 70 мил се капитални инвестиции и 30 мил за останати расходи.“ – одговори Станкоски.
Советничката Ангелоска посочи дека позитивно во нацрт програмите за 2025 година е што повеќе ги нема проектите од Ohrid GO како адреналинскиот парк и памп траката, затоа што конечно по 4 години се или реализирани или се во финалната фаза.Воедно аапелираше при планирање на средствата за експропријација на земјиште да се води сметка приоритетни да бидат оние случаи каде граѓаните немаат пристап до своите домови.
Советот ги изгаласа сите 74 точки од дневниот ред на денешната педесеттата седница. Советниците ги усвоија извештаите за работата на сите општински јавни претпријатија за третото тромесечие, како и кварталните извештаи за реализација на годишните и развојните програми на Општина Охрид.