Советниците денес ги усвоија извештаите за 2018 од работењето на општината и јавните претпријатија
Советниците денес ги усвоија извештаите за 2018 од работењето на општината, реализираните развојни програми на Локалната самоуправа, годишниот извештај за завршната сметка на буџетот како и годишните извештаи за работењето на јавните претпријатија. Советниците од опозицијата за поголемиот дел од извештаите гласаа против, упатија забелешки во финансиското работење на претпријатијата. Градоначaлникот дециден дека бројките во финансиските извештаи покажуваат нивно позитивно работење.
На Дневен ред на општинскиот Совет денеска беа реализираните развојни програми на општината, финансиските завршни сметки на претријатијата и општински училишта за 2018. Советниците ги усвоија извештаите за реализацијата на развојните програми на Локалната самоуправа како и годишниот извештај за завршната сметка на буџетот. Според опозицијата во советот, потфрлување кај реализираните програми планирани со буџетот за 2018 има во делот на комуналните услуги, градежното земјиште, секторот за комунални дејности, улици и патишта.
„Години наназад програмите се желба ,а не реални можности на општината. Ние на предлог на месните заедници, како побарувања на граѓаните ги ставаме во програмите, но кога ќе дојдат годишните извештаи имаме ниска реализација и време е да правиме реални буџети засновани на реални можности на општината по однос на буџетот со кој располагаме“, напомена Кирил Пецаков координатор на советничката група на Вмро Дпмне.
Работата на секторите на општината во 2018 е поголема за 9 посто во споредба со претходната година, а има пониски остварувања на буџетот во однос на комуналните дејности од планираното, рече вд градоначалникот Константин Георгиески. Во однос на креирањето на општинскиот буџет, Георгиески се согласува дека треба да биде според програмските и реалните можности на општината.
„Буџетот кој го искреиравме за 2019 година е таков, а за 2018 година беше подготвен од претходната општинска администрација. Ние дојдовме во општината во ноември, а буџетот не се прави за 2 месеци. Остварувањето на буџетот е ниско поради тоа што не го правевме ние“, рече Георгиески.
Од опозицијата обвинија за намалени приходи и зголемени расходи во финансиското работење на јавните претпријатија. Декларативните изјави се едно, а бројките во извештаите се немилосрдни и го покажуваат успешното работење на претпријатијата каде што финансиските добивки одат во нагорна линија споредено со 2017 година, одговори на овие забелешки на опозицијата в.д градоначалникот Константин Георгиески.