Skip to main content

29-та Седница на Совет на Општина Охрид

Советот пренамени средства во буџетот за набавка на градежни машини

Градските советници имаа полни раце работа на крајот на работната недела. На 29-тата седница дискутираа за прашања од сферата на образованието, работата на јавните претпријатија, урбанизмот и други сфери од општественото живеење.
 |  Голабовски Крсте  | 
седница

На 29-тата седница на Советот на Општина Охрид точките кои се однесуваа на Предлог-одлуките за измени на програмите за комунални услуги за 2023 година,  измените на програмата за уредување на градежно земјиште во 2023 година и предлог-одлуките за измени на распоредот на средствата на буџетот на општина Охрид за 2023 година, беа причина  за најжестока дискусија меѓу градските избраници. Советничката Живка Ангелоска – координаторка на Советничка Група на СДСМ, побара објаснување за пренамената на средствата и за постапката за набавка на градежна машина.

„Редно е да знаеме за што се однесуваат овие измени, за какви градежни машини ќе бидат набавени, кој ги набавува, кои се околностите коишто доведоа да го зголемувате износот на предвидените средства,  дали е распишан тендер, ако не е кога ќе се расипше, едноставно обајснување за постапката и за каква машина станува збор.“ – кажа Ангелоска.

Ванчо Костоски советник од редовите на  ВМРО НП, констатираше дека се одземаат средства од ставката за експропријација.

„Се одземаат од ставката за експропријација, дека за еден милион денари ставката се намалува. Денес имаме две нови точки за експропријација, така што логички е да се зголемат средствата кои се предвидени во декември, ако ставаме нови точки за експропријација, а не да се намалуваат.“ – кажа Костоски.

Ракводителот на Секторот за општи работи, Тони Иваноски кажа дека во буџетот за набавка на машини биле издвоени  6 милиони денари, а во првиот тендер добиле најниска понуда од 7.3 милиони денари, па го поништиле, бидејќи немале спроведено соодветно истражување на пазарот. Постапката ја повториле по втор пат, кога е направено истражување на пазарот и прибирање на нови понуди и износот од 7 милиони и 50.000 денари  кој го доставиле до советот бил реален со пазарните услови.

„Законот дозволува обезбедување дополнителни средства во тек на постапка. Од страна на службите беше доставено барање да се прошири програмата за еден милион  за да се спроведи постапката и да се набави градежната механизација.“ – кажа Иваноски.

Претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев со објаснување дека средставата се пренаменети за набавка на ново возило. Логистиката на Јавните претпријатија мора да се обновува. Со набавката на возилото ќе се превенира загубата на пари за ангажирање на механизација од приватни фирми за изведување на градежни зафати за потребите на јавните претпријатија, објасни Донев.

„Општината треба да започне постапка за набавка на нови машини, а не за набавка на машини на старо. Такви има колку сакате на патот Охрид Струга, можевме такви да купиме и да донесеме одлука која ќе беше поефтина од оваа одлука која ќе треба да ја донесеме денеска. Ви говорам одговорно дека ние на месечно ниво ние како општина по еден до два милиони денари трансферираме на приватни фирми за ангажирање на градежна механизација.“ – кажа Донев.

На 29та седница градските советници дадоа зелено светло за точките од сферата на урбанизмот, за потреба од донесување урбанистичко – планска документација, Предлог-одлуки за прифаќање на иницијативата за експропријација на градежно земјиште и Предлог-одлуки за донесување урбанистички проект со план за парцелација за градежни парцели. Исто така позитвно се одлучи и за пренесување на правото на користење на неколку возила кои Општината ги доби од Центарот за развој на југозападниот плански регион и јапонската амбасада во Македонија на јавните претпријатија Водовод, Нискоградба и Охридски Комуналец.