Вчера, околу 18:30 часот, во Планинската спасителна служба било пријавено дека, од засега непознати причини параглајдерист од Германија доживеал тежок пад од поголема височина, на исклучително непристапен и карпест терен.
–За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и започна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција, информираат од Планинската спасителна служба.

Во нивното соопштение се додава дека по повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот бил безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде бил предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид, а од таму, тој веднаш бил пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му биле констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот.
-На повредениот му посакуваме брзо и успешно опоравување
, а на сите посетители на планината им упатуваме апел за претпазливост и одговорно уживање во преубавиот есенски амбиент на Галичица. Планинската спасителна служба ќе продолжи да биде на располагање за сите кои имаат потреба, но секогаш потсетуваме дека безбедноста треба да биде на прво место., додаваат во нивното соопштение.