Спасени 14 животи и над 800 интервенции
Четиринаесет успешно спасени давеници и преку 800 интервенции за укажување на прва помош, ова лето на капалиштата на брегот на Охридското Езеро. Сите интервенции беа случени на десет плажи на крајбрежието, каде летово имаше уредно поставени спасители на вода.
Завршува шпицот на сеозната, а дури 26 плажи вдолж брегот останаа небезбедни и необележани. Концесионерите не ја испочитуваа законската обврска, а инспекторите на Капетанија и општините не презедоа никакви мерки.
На две капалишта кои што немаа спасители интервенираа спасителите од соседните капалишта, каде што нашите спасители помогнаа да се сппаси човечки живот. Морам да заклучам дека безбедноста не е задоволителна на целата охридска ривиера и дека следната година навремено треба да се преземат соодветни чекори и мерки без разлика дали има концесионери, нема концесионери безбедно треба да биде охридското крајбрежје за сите капачи – вели Сашо Точков, претседател на Црвен Крст Охрид.
Друг проблем се пловилата, особено скутерите кои дивеат во близина на капачите. За следната сезона надлежните најавуваат координирани мерки за елиминирање на сите слабости.
Надлежните установи, капетанија, езерска полиција, Црвен крст, СВР Охрид, одржаа деновиве еден доста конструктивен состанок на кој што се резимираа сите оние пропусти и слабости што беа детерминирани оваа сезона со цел да се подготват ефикасни чекори за справување со евентуални инциденти и обезбедување на безбедни капалишта за сите – вели Точков.
Ова лето на Охридското Езеро регистрирани се тројца давеници, лица со здравствени проблеми, сите надвор од безбедните плажи кои имаат спасители.
15 години нема давеник на капалиштата покриени со обучени спасители на вода.
Новинар : Соња Рилковска