Skip to main content

Охрид се здоби со тренери и спасители на брзи води

Двајца тренери и осум спасители од ЦК од Охрид се единствени во Македонија кои се обучени по стандардите на Велика Британија за спасување на брзи води. Во изминатите четири дена тие посетуваа интензивни обуки под водство на инструктор за безбедност на вода од Операција Флориан.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид се здоби со тренери и спасители на брзи води. Ова е резултат на обуката за спасување и извлекување на давеници од брзи води, кои во организација на Црвен крст Охрид и под водство на инструктор за безбедност на вода од Операција Флориан во изминатите четири дена се реализира  на реката Црн Дрим во Струга.

Обуките поминаа без никаков проблем. За овие четири дена успеавме да ги оспособиме волонтерите за интервенции на брзи води. Ние сме задоволни како се помина и се надеваме дека помогнавме за зголемување на безбедноста на реките во вашата држава, рече Крис Мекгрејди-инструктор од Операција Флоријан.

Двајца тренери и осум спасители од ЦК од Охрид се единствени во Македонија кои се обучени по стандардите на Велика Британија за спасување на брзи води. Тие во периодот што следува на соодветни обуки ќе ги пренесат стекнатите знаења и вештини на своите колеги во другите градови во Македонија. Во Охрид нема река но затоа секоја година има поголем број интервенции во Струга, на реката Црн Дрим, објаснува Сашо Точков, претседателот на ЦК Охрид.

Постои забрана за капење во Црн Дрим, но многу често таа не се почитува, па се случуваат разни инциденти. Добро е да се има спасувачка екипа која ќе интервенира во несакани ситуации бидејќи спасувањето во езерски и речни води е сосема поинакво и треба да се има специјална обука з тоа, вели Точков.

Наумоски Марио кажува дека веќе две години е ангажиран во ЦК како спасувач на плажа, но сега бил дел и од тимот кој ги посетувал обуките за спасувачи на брзи води. Кажува дека успешноста на акциите зависи од нивното знаење и искуство, но апелира до граѓануите да ги почитуваат правилата за безбедно капење.

Многу често граѓаните ги прекршуваат правилата и  не внимаваат на нивната безбедност. Најпрво тие треба да се заштитат од несакани последици а потоа доколку сепак нешто се случи ние сме тука за да интервенираме. Се надевам дека во иднина ќе се зголеми свеста кај граѓаните, вели Наумоски.

Во овие обуки беа вклучени и припадниците на противпожарните единици од Охрид и Струга, како и припадниците на граничната полиција. Јавната промоција на тимот на спасители на брзи води на Црвен крст Охрид се одржи денес на старото пристаниште пред хотел Палас.