Спасителите на Охридското езеро за неполн месец извлекле девет давеници

За неполн месец, од крајот на јуни, спасителите на вода извлекле девет давеници од водите на Охридското Езеро, а интервенирале и во околу 25 случаи за укажување прва помош. Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид подготвено ја започна туристичката сезона. Располага со 25 активни спасители со меѓународна лиценца за спасување на отворени води, а во моментов, на барање на концесионерите кои се обратиле до Црвен крст Охрид, обезбедува спасителски служби на 12 капалишта долж охридското крајбрежје.

„Во моментов спасители имаме на капалиштата Куба Либре, Голден Бич, Метропол, Белви, Градиште ресторан, Градиште камп, Свети Наум, на градски базен, од 15ти јули ќе имаме на Јуник базенот, капалиштето Мизо, Егоист, Инекс Горица, така да досега се тие. Се надеваме дека во следниов период и останатите концесионери ќе се одважат да се обратат до нас како организација којашто обезбедува спасители на вода на нивните капалишта обележани според правилникот за капалишта, и ќе обезбедиме спасители.“- вели Весна Терзиоска, Претседателка на Црвен крст Охрид.
Минатото лето спасителите од Центарот за безбедност на вода извлекле околу 30 давеници од водите на Охридското Езеро, а реализирале и повеќе од 1.400 интервенции за укажување прва помош.
„Најчести се интервенциите по прва помош, тоа се исекотини на капалиштата на Охридското Езеро, поради нели тие забави кои се организираат и срчата која останува во водите на Охридското Езеро, но има и посериозни повреди како повреда на рбетниот столб, скочни зглобови, надворешни и внатрешни скршеници, повреда на главата и слично.“ – кажува Арсениј Ѓоршески, спасител.

Спасителите потсетуваат дека и покрај нивната постојана подготвеност, безбедноста во вода пред сè зависи од одговорното однесување на капачите. Апелираат секој да биде свесен за сопствените можности и да не ги потценува ризиците, бидејќи и најмала непредвидена ситуација во вода може да има сериозни последици.

„Доволно е некогаш еден грч на некој од мускулите на телото, да ја изгубиме аа таа храброст да ја изгубиме и да почнеме да паничиме. А токму тоа е и дефиницијата за давеник. Дефиницијата за давеник е дека кога не знаеме како да се справиме со ситуацијата и кога не знаеме што всушност се случува со нас додека сме во вода. А за тие кои скокаат од педалинки и кои скокаат од карпи и од места кои не се наменети за скокање во вода, секогаш спасителите ги предупредуваат, така што би апелирал сите да ги слушаат препораките на спасителите, да ги пратат знаците кои се поставени таму за нивна безбедност.“- апелира Арсениј.
„Апелираме да пијат повеќе течности, да престојуваат под сенка, да не влегуваат да се капат доколку конзумирале алкохол пред и за време на капењето, да се капат на обележаните зони и таму каде што има спасители, да не пливаат без друштво и да ги почитуваат сите оние знаци и препораки коишто нашите спасители на овие 12 капалишта каде се поставени, постојано ги прикажуваат и апелираат до нив. Значи имаме знаци, имаме упати коишто треба да ги почитуваат бидејќи безбедноста најпрво повторно ќе кажам доаѓа од сопствената одговорност.“– посочува Терзиоска.
Центарот за безбедност на вода при Црвен крст Охрид располага и со дополнителни 15 спасители, кои се ангажираат како дел од спасувачките екипи кога е потребна логистичка поддршка на регати, маратони, триатлони, Ohrid Water Festival и други манифестации на вода што се организираат во текот на летната сезона.










