Спасителите од ПСС разочарани од одлуката на градските советници
Спасителите на планина и непристапни терени со разочарување ја пречекаа денешната одлука на градските советници да не се поддржи Планинската спасителна служба како би била оддржлива.
Власта и опозицијата во Охрид за прв пат се обединија и тоа против Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, реагираат од ОО на Црвен крст на денешната одлука на градските советници да не се поддржи Планинската спасителна служба како би била оддржлива.
Во продолжение соопштението за јавност на Планинската Спасителна Служба во целост.
И покрај стотиците успешни интервенции во изминатите 19 години, и покрај огромните жртви на волонтерите кои го ризикуваат сопственото здравје и живот за да го ублажат страдањето на другите, и покрај силната поддршка од Европската Унија и писменото укажување до Градоначалникот и Советниците, сепак на денешната седница, Советот на општина Охрид, речиси едногласно ја отфрли одлуката за финансиска поддршка на единствената служба во државата, која за граѓаните на територијата која ја покрива, нуди 24 часовна услуга по највисоките светски стандарди. Со ова, Советот на општината потврди дека безбедноста и здравјето на граѓаните им е на последно место во приоритетите.
Иако само оваа година во најмалку пет наврати, со нашите брзи и успешни интервенции ја спасивме општината од медиумски напади слични на неодамнешниот „кратовски случај“, сепак тоа не го направивме за политичарите и нивните суети, туку за граѓаните, кои благодарение на истите тие политичари, најчесто се оставени на милост и немилост, особено кога станува збор за спасувањето и заштитата.
Засрамени што воопшто припаѓаме на ова време, во кое комплетно се обезвреднува човечкиот живот, во оваа прилика сакаме да им заблагодариме на Градоначалникот и Советниците, за лажната поддршка која при секоја средба ни ја изразуваат и која официјално ја потврдија со доделувањето на Свети Климентовата повелба за 2019 година. Од истата јавно се откажуваме, со едногласна одлука на сите волонтери од Службата и во текот на следните денови официјално ќе ја вратиме во Општината.
Остануваме во служба на граѓаните и понатаму, сѐ додека можеме тоа да го издржиме, правејќи го она кое најдобро го знаеме за нашите сограѓани, бидејќи нашата најголема награда се солзите радосници од луѓето на кои им помагаме и нивните семејства.
Се надеваме дека ваквата едногласна одлука на Советот, ќе остане длабоко запишана во историјата на општина Охрид, како пример за останатите состави на Советот, но и како одлика на времето во кое живееме, време во кое властите најниско ги вреднуваат човечкиот живот и волонтерскиот труд на сопствените граѓани, оние на кои треба да им служат.
НЕКА ИМ СЛУЖИ НА ЧЕСТ!