Спасовски: Нашата земја има капацитет за заштита на вип личностите и објектите
Република Македонија има капацитет да ги споделува европските вредности во делот на заштита на вип личностите и објектите, истакна првиот човек на МВР Оливер Спасоски. Охрид е домаќин на Прва научна конференција за вип личности и објекти.
Обезбедувањето е ризична професија, која бара максимален ангажман, посветеност и концентрација на лицата кои работат во оваа област. Во борбата против криминалот, тероризмот, фанатизмот, се соочуваме и со најгрозоморните, непоимливите начини на дејствување на човекот. Заканите кон безбедноста се менуваат секојдневно, а тоа само по себе бара инвентивност во смисла на изнаоѓање на нови методи и техники, но и задржување присебност во моменти кога се чини дека е тоа невозможно“, рече министерот Оливер Спасовски, на отварањето на Првата научна конференција за обезбедување на вип личности и објекти. Тој нагласи дека од исклучителна важност е да се разменат искуства и информации со цел да се зајакнат капацитетите на службата, бидејќи нашата земја има сериозни закани по својата безбедност, вклучувајќи ги тука и заканите по вип личностите и објектите.
„Јас сум задоволен што Р. Македонија односно МВР во овие година дена после формирањето на новата Влада, започна сериозна реформа и реорганизација во службата на обезбедување на личности и објекти и ги прават сите напори за да можеме да одговориме на секој предизвик кој што стои пред нас како МНР. А бројните самити кои што се одржаа последните неколку месеци и признанија кои што ги добивме од учесниците, од вип личностите на овие самити говорат дека РМ имам капацитет да ги споеделува тие европски вредности“.
Истакнатиот професор Златко Димовски нагласи дека и приватното обезбедување, допринесува во севкупниот процес за безбедност во Р. Македонија и пошироко. Според него тие делуваат по точно одредени ингеренции согласно Законот за приватно обезбедување.
„Обученоста е релативно добра бидејќи се се сведува на индивидуалност, секој поединечно е обучен до висока мера некој е пониско како во секој сектор, едноставно сметам дека тие само можат да бидат на припомош. Она што се прави во другите земји е дека приватното обезбедување веќе партиципира и во другите сектори на обезбедување онаму каде што ние сеуште ние имаме некаков систем на спроведување на севкупната безбедност од службите кои спаѓаат во безбедносниот сектор“.
Професорот Зоран Кековиќ од Факултетот за безбедност во Белград смета дека бројните случаи на успешни и неуспешни обиди за атентати само ја покажуваат важноста од стандаридизирањето на областа, особено во контекст на движењето на личностите што се под заштита, како во земјата што ја претставуваат, така и во други земји.
„Мошне е важна соработката меѓу надлежните служби, исто така меѓу полицијата и агенциите за приватно обезбедување, поточно постоење стандарди што не се само национално обоени туку имаат пошироко, регионално значење. Тоа значи подигање на нивото на координацијата на претставниците на разни државни органи во една или повеќе држави“.
Заедничка оценка на учесниците на Конферецијата е дека овој собир всушност претставува добра можност за размена на искуства на службите во регионот, во насока на обезбедување научна поткрепа за зајакнување на капацитетот на безбедносните служби во интерес на граѓаните.