Специјализации и за туристичките водичи
Специјализации и за туристичките водичи.
Нелегалните домашни и странски туристички водичи подлежат на санкции според законската регулатива. Во сферата на туризмот се стави ред со нелегалните домашни водичи, но сеуште има појави на странски туристички водичи кои нелегално водат групи во земјава. Според законот за туристичка дејност организатор во туризмот е само Агенцијата со А лиценца. Но, во истиот закон има и една одредба со која се дозволува групите да најмат водич преку посредник, а најчесто Здружението на водичи се прескокнува, се рушат тарифите и има одлив на пари во сивата економска зона, вели Климент Наумов претседателот на здружението на водичи Кеј.
„Во Законот има измени од 2014 година каде ангажирањето на туристички водич може да се направи без посредување на локалните туристички агенции. Но тука треба да се дискутира како ќе се плаќа. Дали плаќањето ќе се движи во сива економија или ќе најдеме модус за легално плаќање преку трансакциона сметка и да се плати персонален данок“, подвлекува Наумов.
Ваквите појави го доведуваат во прашање дигнитетот на професијата туристички водич. Покрај ова , и инспекциските пропусти се причина и за загрозување на квалитетот на водењето на групата како и давање на погрешни и пристрасни информации, вели професор д-р Науме Мариноски од охридскиот ФТУ. Законот за туристичка дејност на РМ сега не дозволува странски туристички водичи да работат на наша територија, но со процесите за приклучување кон Европската унија домашните водичи ќе имаат поголема конкуренција. Македонија со членството во Европската унија ќе биде отворена и за странските водичи. Решението ќе биде во измена на професионалните обуки за туристички водичи и создавање на регионални водичи, нагласува Проф. Мариноски.
„Тогаш специјализацијата ќе оди во две насоки. Едната на регионален план или водичи во рамките на определена регионална целина, како на пример во Охридско преспанскиот регион, а втор би бил на специјализација на видови како водичи на планина или спелеолози и други“, напоменува д-р Мариноски.
Професорот д-р Науме Мариноски кажува дека императив е туристичките водичи да станат општи, па потоа да се специјализираат во други сфери, како и професиите од другите области од општествено економскиот живот.