Во Специјалната болница „Св. Еразмо” во Охрид најкратко се чека за операција на колк

Од три до шест месеци за операција на колк во Специјалната болница „Св. Еразмо” во Охрид, според последните податоци на листата на чекање имало 82 пациенти, но времето до операцијата не е исто за сите. Во зависност од здравствената установа, чекањето може да биде и подолго од една година, но во охридската специјална болница за трауматологија чекањето е најкратко во земјава.
„Последниот пат кога разговарав со директорот, он ќе ме корегира, имаше 82 пациенти на листа на чекање. Таа анализа беше, мислам дека 3 до 6 месеци беше времето за чекање.”– изјави министерот за здравство, Сашо Клековски при последната посета на болницата.

Според министерот земјава има повисоко ниво на замени на колк во споредба со Хрватска. Тој апелира граѓаните да не ги одложуваат ортопедските прегледи до моментот кога болките ќе станат неподносливи, туку навреме да побараат лекарска помош.
„Значи апелирам до граѓаните да се јавуваат редовно на ортопедски контроли, кога проблемите во колковите ќе започнат. Зборувам за хроничните, елективните. Не зборувам за трауматските повреди, каде што, нормално, интервенциите мора кратко да се завршат.” -посочува министерот.
Од болницата „Св. Еразмо” велат дека располагаат со потребните протетски и трауматолошки материјали, но времето на чекање зависи и од изборот на хирургот.
„Вие како пациент, ако се одлучите за X доктор, треба кај него да чекате. Може да се случи да чекате и 6 до 9 месеци. Меѓутоа има кај одредени колеги што воопшто нема листи на чекање.”– вели директорот на болницата, Харалампие Шокаровски.
Кај трауматските повреди, кога е потребна итна интервенција, пациентите се третираат веднаш, без да чекаат на редовните листи.




