Специјални трагачи при Куче Спасител во Охрид
Кучето спасител Дикси од расата „Белгискиот овчар“ е веќе спремно за трагање по исчезнати лица. Бројот на кучиња трагачи при клубот „Куче спасител“ од Охрид, кој е прв од ваков вид во државата се зголемува. Охрид, покрај Дикси, ќе добие уште две нови дресирани кучиња трагачи. Но, процесот на дресура за трагачи во и вон населено место е долг и потребно е посебно внимание и услови. Финалната селекција од вкупно 15на кучиња, ја поминале Рекс и Арап, за кои дресерот Ефто Стојаноски вели дека покажале извонредни резултати, независно од фактот што се работи за улични кучиња.
„Од сите тие кучиња, во втор круг се пласираа само шест кучиња од кои после два месеци испаднаа само две, значи од сите 15тина кучиња, понатака во фазата на обучување продолжија две кучиња. Најинтересно е што овие две кучиња се улични, додека останатите беа домашни кучиња. Овие две кучиња веднаш започнуваат со специјална дресура за кучиња трагачи, а шансите да бидат добри се многу големи.“, кажа Ефто Стојаноски.

Во изминатиот период во државата имаше повеќе случаи на исчезнати лица, а на 3 случаи токму Дикси и дресерот Стојаноски биле повикани да помогнат во претрагата. Периодов работите во клубот „Куче Спасител“ ги води сам, на волонтерска основа. Вели дека идејата е во наредниот период тимот да се зголеми со кучиња, но и со водичи.

„Планот е да обезбедиме уште едно куче и замена за тоа куче за трагање надвор од населено место, кога не постои трага, а се знае дека човекот или детето е на таа планина, и таму се оди со кучето кое потрагува, а за тоа треба посебна дресура, но сметаме дека за брзо време ќе создадеме и такво куче. Покрај кучињата за потрага потребни се и водичи. За едно куче кога оди на терен, потребни се двајца луѓе водич и заменик на водич.“, потенцира Стојановски.

Трагачите од клубот „Куче Спасител“ неодамна се преселија во нови боксови за чија изградба добиле помош од Планинската спасителна служба при Црвен Крст Охрид од кои добиле и одредена количина храна. Стојаноски смета дека институциите ќе ја препознаат потребата од функционален тим за трагање по исчезнати лица и ќе ја поддржат оваа приказна.