Спласнат интересот за имунизација кај охриѓани
Караванот за имунизација против ковид тргна низ повеќе општини во Македонија. Охрид за разлика од Струга не е на листата за теренска имунизација бидејќи е помеѓу општините кои имаат највисок процент на имунизација во земјава.
Министерството за здравство од 7-ми март даде термини да се имунизираат оние граѓани кои не се воопшто вакцинирани и за трета бустер доза, информира д-р Соња Мариноска, раководителка на Службата за превентивна заштита на деца и младинци, за моменталните текови на имунизацијата во Здравствен дом Охрид.
За разлика од минатиот месец кога драстично опадна бројот со вакцинација овој месец се почувстува раздвиженост. Но, сепак е помала од очекуваното – истакна Мариноска.
На закажаните термини преку системот „Мој термин“ се јавуваат повозрасната категорија граѓани за да примат трета доза вакцина. Многу ретко се јавуваат за да примат прва доза. Помладите доаѓаат само кога мора да патуваат за прва или трета доза. За пропуштените термини од вакцинации најчесто добиваат сознанија дека граѓаните не доаѓаат на закажаното време бидејќи некои ја прележале болеста, а други се опоравуваат од прележаната инфекција.
Има и такви кои не веруваат во вакцината. Вакцината е безбедна, можеби опаднала ефикасноста во спречување на инфекцијата, но таа е безбедна и спречува појави на тешки форми на ковид 19, хоспитализација и смрт кај ризичните граѓани – вели Мариноска.
Караванот за антиковид-вакцинација пак, кој тргнува од денес па се до 3-ти април ќе помине во 14 општини и населени места, меѓу кои и во соседна Струга. Граѓаните имаат можност секој ден да се вакцинираат пред здравствените домови, но и на плоштадите или пазарите. Караванот го организира Министерството за здравство со поддршка од Светската здравствена организација, УСАИД и УНИЦЕФ, а има на располагање доволни количини од фајзер вакцините.