Skip to main content

Спојувањето на „Градски пазар“ и „Градски гробишта“ треба да заврши до септември

На дневен ред на денешната седница на Совет имаше 29 точки, а единствената кратка дискусија се водеше токму околу оправданоста од именување нови управни и надзорни одбори во претпријатијата кои веќе се наоѓаат во процес на спојување.
 |  Маја Савиќ  | 

Постапката за спојување на охридските јавни претпријатија „Градски пазар“ и „Градски гробишта“ треба да биде завршена најдоцна до септември годинава. Ова денеска го кажа секретарот на Општина Охрид Александар Китески на 11-тата седница на Советот, на која советниците расправаа за избор на нови членови во управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. На дневен ред имаше 29 точки, а единствената кратка дискусија се водеше токму околу оправданоста од именување нови управни и надзорни одбори во претпријатијата кои веќе се наоѓаат во процес на спојување.

„Поентата на она што сакав да го кажам е дека пред неколку седмици донесовме одлука за спојување на две јавни претпријатија, тоа се Градски гробишта и Градски пазар, а гледам дека сега овде поединечно се назначуваат управни одбори. Целта на спојувањето беше за рационална работа на овие јавни претпријатија, односно на новото, и намалување на трошоците, а едни од тие трошоци се и управните и надзорните одбори. А сакам да прашам до каде е таа постапка, дали ќе трае долго, дали е во завршна фаза, за да видиме колку уште непотребни трошоци ќе имаат овие две јавни претпријатија.“ – праша советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костовски.

Секретарот на општината појасни дека и покрај започнатата постапка за спојување, законските процедури налагаат двете претпријатија да имаат функционални органи на управување сѐ до завршувањето на процесот. Според Китески, веќе се изработени финансиските извештаи и потребните вештачења, подготвен е новиот статут, а во завршна фаза е изработката на организацијата и систематизацијата на работните места за идното заедничко претпријатие. Следува усвојување на спогодбата за спојување од страна на управните одбори и истекување на законските рокови предвидени за доверителите.

„Управни и надзорни одбори, како што кажав, формално правно мора да има токму заради довршување на оваа постапка. Со спојувањето на двете јавни претпријатија, останува управниот одбор на јавното претпријатие Градски гробишта, со оглед на тоа што Градски пазар се спојува, се припојува кон јавното претпријатие Градски гробишта. Така што, оние членови коишто денес ќе бидат избрани во јавното претпријатие Градски пазар, со самото негово спојување, тие фактички ќе им престане и функцијата. Меѓутоа, ние, како што кажав, мора да формално-правно да имаме членови и на управни и на надзорни одбори, со оглед на тоа што треба да се носат одлуки токму заради постапката за спојување.“ – кажа Китески.

Китески очекува спогодбата за спојување да биде донесена во наредните две до три недели, по што ќе започнат да течат законските рокови. Доколку процедурите се одвиваат според планираното, новото претпријатие треба целосно да профункционира најдоцна до септември.

На денешната седница советниците донесоа и одлука за поништување на постапката за доделување договор за јавно-приватно партнерство за поставување фотоволтаични централи на општински објекти, како и повеќе одлуки од областа на урбанистичко-планската документација.