Споменикот на Свети Наум денес гордо се исправи на својот постамент
Делото изработено од академик Томе Серафимоски своето свечено претставување ќе го има утре, на големиот христијански празник, Свети Наум, летен. Поставувањето на споменикот лично ќе го следи и неговиот творец, академик Томе Серафимоски.

Споменикот на Свети Наум застана на својот постамент во друштвото на Свети Кирил и Методиј и Свети Климент Охридски. Поставувањето на споменикот беше лично следено од авторот на делото, академик Томе Серафимоски. Идејата за ваквиот изглед на градскиот плоштад со споменици од трите најзначајни светители е стара 20 години и потекнува од академик Цветан Грозданов. Со поставувањето на споменикот на Свети Наум, се комплетираше светиот триаголник кој Охриѓани долго го очекуваа.
„Од името на градот Охрид и сите охриѓани сакам да им се заблагодарам на сите кои учествуваа во изработувањето и во реализирањето на оваа идеја. Со ова конечно се реализираше долгогодишната желба да се оформи светото тројство на градскиот плоштад“-рече Градоначалникот Александар Петрески.
Грандиозниот споменик заедно со постаментот е висок 5 метри, а ќе го краси паркот наспроти Охридската капетанија. Академик Серафимоски покрај изработувањето на овој споменик, дојде и со подарок за Охриѓани. Тој на општината и подари гипсена фигура од Свети Наум Чудотворец која најверојатно ќе биде поставена во манастирскиот комплекс Свети Наум.
„Секој споменик си има свое значење, секој споменик нешто порачува и симболизира. Свети Наум ја покажува својата гордост, онака како што стои исправен и гледа во луѓето.“-вели академик Томе Серафимоски, автор на споменикот.
Споменикот на Свети Наум беше изработен во белградската работилница на „Браќа Јеремиќ“ во Србија, а неговата изработка беше подржана од општина Охрид и Министерството за култура.
Свеченото откривање на споменикот е закажано за утре во 19 часот, во очи на празникот на светецот, Свети Наум, летен.
{loadposition content9}