Спорот со Бугарија да се решава со унилатерални изјави е предлогот на претседателството на ЕУ
„Предлогот на Португалија е спорот со јазикот да се реши со две унилатерални изјави на последниот ден од претседателството. Претседателството се менува, но предлогот останува.“-истакна Османи во Охрид на Преспа форумот „ Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна“.
„Останува во преговарачката рамка сегашниот предлог на комисијата додека на самата Владина конференција Бугарија би дала своја унилатерална изјава со свои погледи кон јазикот и ние би имале наша еднострана унилатерална изјава, а ЕУ само ќе забележи дека има две унилатерални изјави, два става по однос на тој процес. Се менува претседателството, но не се менува предлогот. Предлогот на претседателството е тоа да се даде унилатерална изјава во која што од нас се очекува само да се потврди фактот дека јазикот е кодифициран како примарна кодификација во 1945, односно јазикот е кодифициран во 1945 “– истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Од денеска претседателството со ЕУ го презема Словенија, а според шефот на дипломатијата ова е креативното решение што може да ги задоволи сензивитивностите на двете страни по однос на спорот за јазикот со Бугарија.