Skip to main content

Спортот во Охрид маргинализиран, сметаат опозиционерите

Ракометниот Клуб „Охрид 2013“ камен на сопнување на вчерашната седница. Опозиционерите тврдат дека сите општински пари наменети за развој на спортот во градов одат за овој клуб чиј претседател е секретарот на општината. Секретарот пак, ги демантира ваквите инсинуации и рече дека општината се труди да финансира секаде каде што може.

 |  Јаковлева Лионела  | 
sovetnici

 

Спортот во Охрид маргинализиран, сметаат опозиционерите. Тие на вчерашната седница на совет беа гласноговорни кога дојде на ред точката за Извештајот за работа на Секторот за спорт, млади и невладини организации за 2015та година. Јован Стојаноски од СДСМ рече дека општината за некого е мајка за некого маќеа. Истакна дека дури 80% од средствата од буџетот наменети за развој на спортот во градов одат за РК „Охрид 2013“ или околу 60 000 евра општински пари плус околу 20 000 пари од спонзори, а останатите клубови и спортови не добивале ниту денар.

Претседател на клубот е секретарот на општината па ние сите пари треба да ги вложуваме во неговиот клуб. Каде се другите спортови во градов каде е училишниот спорт, останатите клубови кои едвај врзуваат крај со крај, запраша Стојаноски.

Секретарот Димитар Спасески рече дека многу пати кога е точка на дневен ред програмата за спорт опозиционерите се фаќаат токму за РК „Охрид“ без никакво право и аргументи. Додаде дека тој клуб не е негова лична своина туку дека е АД каде доминантен акционер е општината.

Јас да бев на ваше место ќе ми беше срам уста да отворам  за ракометниот клуб  зошто вие од СДСМ го пропаднавте, а тие господа кои ги споменувате како негови основачи  кога Бакрачески стана градоначалник  дојдоа кај него и го молеа да го спаси клубот, вели Спасески.

Секретарот кажа дека локалната учествува со 3,5 милиони денари,  а остатокот до 6 милиони е покриен од финансиски средства на бизнис заедницата. Додаде дека клубот во последните години бележи успеси и се движи по нагорна линија.
Стојаноски реплицира дека клубот бележи успеси, но со играчи од странство, а нема наши млади охриѓани кои успешно играат ракомет. Реагираше на тоа дека се купуваат странски играчи за високи суми, а пред половина година за само 5000 евра општината го згаснала веслачкиот клуб кој беше најстар клуб во градов. Стојаноски критикуваше дека општината не вложува средства за развој на училишните спортови, не е изградено фудбалското игралиште во Лескоец кое беше ветено уште во 2014та за која намена уште тогаш биле издвоени 1милион и 500 000ден., а не бил реконструиран и паркетот и соблекувалните во салата „Билјанини извори“ за што биле издвоени 600 000ден. Секретарот Спасески објасни дека овие проекти ќе бидат реализирани во најскоро време, а дека општината и тоа како вложува и во останатите спортови во градов и голем дел од нив бележат развој, а Охрид од мртов спортски град полека, но сигурно прераснува во спортски центар.