Skip to main content

Годините не се пречка за активен живот, 300 пензиониери на јубилејните спортски игри во Охрид

Повеќе од 300 пензионери од околу 40 здруженија од целата земја денеска се собраа во Охрид на 30. јубилејни Републички пензионерски спортски игри. Покрај спортското натпреварување, игрите се можност за дружење и размена на искуства, но и порака дека активниот живот нема старосна граница. На настанот беше упатена и порака дека пензионерите треба активно да бидат вклучени во креирањето на законите и политиките што директно ги засегаат.
 |  инфодеск  | 

Охрид  домаќин на 30. јубилејните Републички пензионерски спортски игри. Повеќе од 300 пензионери од целата земја се собраа да се натпреваруваат, но и да покажат дека активниот живот нема старосна граница.

За претседателката Гордана Силјановска-Давкова, пензионирањето не значи повлекување од општеството. Напротив, токму во овој период до израз доаѓаат знаењето, искуството и мудроста стекнати низ годините. Давкова рече мора да се слуша гласот на пензионерите,   тие треба активно да бидат вклучени во процесот на одлучување при носењето на  законите и политиките.

Секогаш претседателот на комисијата или претседателот на Собранието претходно треба да ги повика претставниците на засегнатата страна.Ако се тоа пензионерите, сигурно дека треба да се чуе нивниот глас, ни случајно, затоа што се работи за нив и тие најдобро знаат што е она што им е потребно и како тоа да се реализира.Истото го зборувам и за младите. Значи, логично е во процесот на одлучувањето да бидат вклучени засегнатите, рече Силјановска-Давкова.

Во земјава има околу 350 илјади пензионери. Покрај активниот живот и можностите за социјализација, за голем дел од нив секојдневен предизвик останува и материјалната сигурност.Од Сојузот на пензионерите велат минималната пензија изнесува околу 21 илјада денари, а речиси 100 000 пензионери живеат со минималец, поради што, покрај зголемувањето на пензиите, потребни се и дополнителни мерки за поддршка.

-Значи, кога станува збор за најниската пензија, секако дека има големо значење да се помогне на пензионерите, точно со тие пониски примања, покрај зголемување на пензиите и со мерки кои што се надвор од пензискиот систем.А тоа се познатите: еднократни давања, потоа помош во доменот на здравственото осигурување, социјалното домување и така натаму, кажа Станка Трајковска, претседателка на Сојуз на пензионери.

Спортските пензионерски игри се  прослава на активноста, дружењето и спортскиот дух. Домаќинот на игрите, градоначалникот Кирил Пецаков, ги поздрави учесниците и ја истакна важноста на нивното присуство во Охрид.

– Републичките спортски игри за пензионери кои годинава се одржуваат јубилеен 30-ти пат се многу повеќе од спортско натпреварување. Тие се можност за дружење, размена на искуства, создавање нови пријателства и заедничко уживање во активниот живот. Вашата енергија, виталност и желба за спорт се за вистинска почит. Со своето учество покажувате дека годините не се ограничување, туку дека секоја животна возраст носи можност за нови активности, предизвици и убави средби. Упатувам благодарност до организаторите и до сите кои овозможија Републичките спортски игри оваа година да се одржат во Охрид. Се надевам дека покрај спортските натпревари, ќе имате можност да уживате и во убавините на нашиот град и во гостопримството на охриѓани. Ви посакувам успешни настапи, добро расположение и многу убави моменти поминати заедно, истакна Пецаков во своето обраќање.

Од Министерството за спорт и млади велат дека ваквите настани се доказ дека спортот не познава граници и дека треба да биде достапен за сите возрасни групи.

-Спортот не познава граници, односно спортот треба да го негуваат сите возрасни групи, посебно постарите возрасни групи, коишто денес присуствуваат на овој настан.Овој спортски настан е доказ дека активниот живот, движењето и спортскиот дух имаат големо влијание во вреднувањето на вашите активности, коишто лично ќе влијаат во делот на вашето живеење и во делот на одржување на вашиот спортски живот, кажа Илија Ристевски од Министерството за спорт.

Од првите натпревари до денес, пензионерскиот спорт прерасна во традиција која ги поврзува пензионерите од сите делови на земјата. На овие јубилејни игри учествуваат околу 300 пензионери од четириесеттина здруженија од земјава.