Срцето на Охридското Езеро претставено преку документацијата за ВК Југ се чува во охридскиот Архив
Охридскиот архив претставува ризница на пишано културно богатство која секојдневно се збогатува, а од неодамна ја презеде и документацијата од најстариот спортски клуб во Охрид, Веслачкиот клуб ЈУГ. Една од најзначајните дејности на архивот е пронаоѓање на документации со особено значење од различен временски период и области на општественото живеење кои се чуваат во приватни збирки и истите да станат дел од архивската граѓа и достапни на научната и пошироката јавност, вели директорот на установата, историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе.
„ Несомнено , моја желба, а и на целокупниот тим на архивот беше да се пронајде документацијата од ВК Југ. Ние многу често , како епитет, укажуваме дека токму таа документација и веслачкиот клуб Југ претставува срцето на Охридското езеро и доколку не го зачуваме трајно ние ќе немаме со што да прикажеме на идните генерации колкаво било значењето на овај спортски клуб. Но и ја пренесуваме одредената традиција која постоела подолг временски период.“ – вели Никола Митровиќ – Бабе -директор на Архив Охрид.
Срцето на Охридското Езеро претставено преку документацијата за ВК Југ денеска се чува во охридскиот Архив благодарение на ентузијазијасти, членови на клубот, иако тој не работи со полн ек, и на вработените во Архивот. Иако своевидното сведетелство за огромен број генерации, се уште не е во целост обработено, веднаш се пристапило кон дигитализација но пронајдените легитимации односно картичките на професионални спортисти, но и аматери кои се занимавале со веслање.
„ Започнавме веднаш со дигитализација, дури направивме и едно кратко видео во кое огромен број на охриѓани и од регионот се пронајдоа себе си или пронајдоа некој близок и притоа навистина побудивме емоции, побудивме желба и можност за истражување во Архивот и со нетрпение очекуваат да биде во целост обработен овај фонд и да биде ставен на располагање за натамошно истражување.“ – вели Митровиќ.
Слично искуство Архиовот имаше и со презентирањето на Рибарскиот алманах кој го опфаќаше периодот од 1934 до 1941 година, меѓутоа сега за веслачкиот клуб ЈУГ опфатен е период од 1932 па се до 90-тите години од минатиот век и уште поголем број луѓе. Емоциите се неприкосновени и сметам како историчар дека емоцијата со зборови не може да се долови, вели Митровиќ.
„Имаше емоции со солзи, имаше емоции со смеа, со радост, имаше емоции со тага бидејќи дел од тие луѓе веќе не се меѓу живите, меѓутоа во секој случај честитките беа огромни од сите страни и со нетрпение се очекува покрај дигитализацијата, да се обработи фондот и да се пишуваат научни трудови за тоа, но и секој индивидуално да може да дојде и да си ја истражи својата сопствена историја како дел од ВК Југ и со тоа да си направи одредена монографија или да си ја пополни семејната архива .„ – вели Митровиќ.
ВК Југ кој дал првенци на некогашна Југославија и Европски шампиони во своето поблиско минато се соочуваше со згаснување, а денеска, по безмалку 100 години од формирањето, едвај функционира. Директорот на Архивот вели дека имаат одлична соработка со Општина Охрид, со спортски клубови и манифестации, смета дека постои ентузијазмот и желбата да се промовира минатото со цел да се поттикне враќање на сјајот на Веслачкиот клуб, веслањето, пливањето и други водни спортови во Охрид.