Skip to main content

Светски ден на срцето

Срцевите заболувања и натаму водечка причина за смртност во охридскиот регион

Најмoќна алатка за борба против овие заболувања, од кои секоја година страдаат се помлади лица, останува превентивата, контролните прегледи, и воведување на здрав начин на живот. Од кардио-васкуларните заболувања, повеќе страда женската популација, вели статистиката, но процентот на хоспитализација е поголем кај мажите.
 |  Голабовски Крсте  | 

Светскиот ден на срцето се одбележува и слави секоја година на 29ти септември, а годинава, под мотото „Користи срце, знај повеќе за срцето“ со цел да се зголеми свеста за кардиоваскуларните болести и како да се контролираат, за да се отстрани и намали нивното влијание како водечка причина за смртност во светот. Срцевите заболувања се најчеста причина за смрт на светско ниво. Следењето на информации поврзани со навремената превенција и заштита од кардиоваскуларните болести се важни во запазување на здравјето. Многу млади луѓе не ги земаат сериозно кардиоваскуларните болести, сметајќи дека се премногу млади за да заболат и не ги менуваат навреме животните навики.

„Превенцијата е клучот на се. Особено на кардио-васкуларните, па и на другите хронични заболувања, кои може да се спречат. Сите знаеме дека „подобро да се спречи отколку да се лечи“ , што значи и од аспект на здравје и од аспект на финансии во една држава, помалку кошта превенцијата, во однос на лекувањето. Сепак, живееме во земја во која, на превенцијата не се обрнува многу внимание, превентивните тимови не се опремуваат со доволно ресурси.“ – вели Д-р. Даниела Чингоска – Специјалист по социјална медицина и јавно здравје.

За нотирање се информациите кои велат дека главните причини за кардиоваскуларни болести се недоволно вежбање, пушење и лоша исхрана. Економските системи на земјите имаат, исто така, големо влијание во однос на кардиоваскуларните болести – високите цени на лекувањето итн.

Според статистичките податоци на Центарот за јавно здравје, д-р Даниела Чингоска, информира дека во Охрид процентуалната застапеност на кардиоваскуларни заболувања во структурата на вкупниот морбидитет во дејноста општа медицина годинава се движел 51,8% во Дебрца, 48.0% во Охрид, 42.2% во Вевчани и 40,06% во Струга.

„ 55% од кардио васкулараните заболувања, се кај женската популација во Охрид.Од друга страна пак, хоспитализацииите кои се направени, пациентите кои се примени кај нашиве установи, поради кардио-васкуларни заболувања, покажуваат пак дека се повеќе кај машкиот пол.“ – вели д-р Чингоска.

Се проценува дека годишно, 18,6 милиони луѓе умираат од вакви причини. Коронарната срцева болест или мозочните удари се главни причини за овие смртни случаи. Повеќе од 80 отсто од случаите на срцев и мозочен удар со смртен исход се случуваат во земјите со среден и низок приход и може да се спречат.