Српската заедница во Охрид денес го чествуваше својот светец-заштитник, Свети Сава
Со пригодна свеченост, традиционалниот светисавски колач и песни посветени на Свети Сава, седма година по ред, припадниците на заедницата на србите во Охрид, и Македонија организирано го одбележуваат овој ден.
Со црковна молитва, запалени свеќи и традиционалното сечење на светисавскиот колач, денес, припадниците на заедницата на србите во Охрид и Македонија го одбележаа својот светец-заштитник, Свети Сава. За организацијата и одбележувањето на овој најголем празник за српската заедница се погрижи српско-македонското друштво „Коштана“ од Охрид.
„Во различни градови различно го празнуваат, на пример во Скопје го одбележаа вчера, во Битола го прават неколку дена однапред како „Светисавски бал“, а ние со традиција, сите седум години го славиме како слава, Свети Сава, ние србите што сме тука и сите наши пријатели со кои се знаеме.“-вели претседателот на српско-македонското друштво „Коштана“, Среќко Стојановиќ.
Стојановиќ вели дека српскиот и македонскиот народ се многу блиски едни со други, што јасно се гледа од многуте бракови склучени помеѓу граѓани од двете држави. Смета дека србите во Охрид и во државата ги уживаат сите човекови права.
„Ние како Срби во Македонија, како српско здружение што го имаме во Охрид, ги имаме сите права и почести и сме најлојални, а исто и државата не почитува како такви. Досега во ниеден момент не сме се почувствувале поинаку.“-рече Стојановиќ.
Свети Сава е еден од најважните ако не и најважниот христијански празник во Србија и припадниците на српската заедница. Инаку свети Сава е првиот српски архиепископ.
Основал манастири и школи во средновековна Србија, а починал во Велико Трново, во Бугарија. Денешниот датум, 27ми Јануари веќе седма година со ред е прогласен за неработен ден за припадниците на заедницата на србите.
{loadposition content9}