S&S мала винарија со одлично вино
Винаријата „Стојан и синови“ ја збогатува охридската туристичка понуда. Браќата Ванчо и Николче Шутароски ја продолжуваат семејната традиција на винаријата. Во правењето вино внеслe многу љубов и почит кон она што го започнал пред 50-тина години нивниот татко. На љубителите на добрата капка вино им нудат повеќе сорти со потекло од охридскиот регион , пропратено со уживање во прекрасен амбиент на винаријата и околината, а воедно и незаборавни зајдисонца од Охридското езеро, вели постариот брат Ванчо.
„На посетителите ќе се потрудуме да им понудиме винска карта од прокупец, вранец, темјаника, куве, ризлинг, а сакаме да бидеме препознатливи со брендот охридско куве. Вината се со охридско потекло и сакаме да го задржиме охридскиот тероар со што ќе бидеме препознатливи надалеку“, вели Ванчо Шутароски .
Винаријата се наоѓа на 2 км, на патот Охрид-Струга, сместена во месноста Чекоштина. Сончевиот рид на овој локалитет, покрај тоа што се одликува со значајни културно-историски знаменитости , од секогаш важел и за едно од најдобрите охридски виногорја каде што охриѓани одгледувале шпалири со лозја, појаснува Николче Шутароски.
„Со винаријата ја промовираме месноста Чекоштина позната од дамнина по традицијата каде што се одгледувале винови насади. Лозарството во Чекоштина е во изумирање, но се надеваме дека ќе го оживееме овој подзаборавен локалитет. Во иднина ќе се обидеме да докажеме дека туризмот може да се прошири и на други места, а не само на крајбрежјето или кон Љубаништа,“ напоменува Николче Шутароски.
Винаријата „Стојан и синови“ иако е релативно млада винарија успешно го трасира својот пат помеѓу малите семејни винарии. Градењето на брендот им е пропратено со огромна почит кон нивниот татко, но и со трпеливо и грижливо внесување на огромна количина љубов кон создавање на добро вино. Доказ за нивната посветеност за правење квалитетни сорти вино се позитвните критики од одржаните саеми на вино „Open vision“ во Белград и нагрaдата од натпреварот на млади вина во Кавадраци од каде се вратија со бронзен медал за виното прокупец. Полека го градат својот пат со успешни посети од гости од Данска, Турција, но и домашни љубители на вино кои има даваат поддршка да продолжaт по патот на создавање на препознатливот бренд на винаријата С&С.