ССМ продолжува со штрајк
Сојуз на синдикати на Македонија не отстапува од барањето за линеарно покачување на платите за 2.806 денари. ССМ продолжува со штрајк и барањето на покачувањето на платите во јавниот сектор да започне од 1-ви јули. Велат, притисокот од инфлацијата и поскапувањето на сите производи, енергенси, деривати, ја обезвредни платата на работниците.
Сите зборуваме за мерки и мерки, но гледаме дека буџетот на работникот е се помал, неговата плата се обезвреднува секој ден се повеќе и повеќе. Затоа апелирам да не го оштетуваме работникот, да се прифати барањето на ССМ за линеарно зголемување на платите уште утре, како би можеле да му помогнеме на работникот во оваа инфлаторна, енегетска и ковид криза за да може буквално да преживее и егзистира во текот на годината – вели Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати.
Работникот не може да преживее со минимална плата од 18000 денари. Минималната синдикална потрошувачка кошница во кризата месечно се зголемува за 1300 денари.
Повеќе не се издржува состојбата со 18000 денари минимална плата. За 1300 денари е зголемена минималната синдикална потрошувачка кошница, која единствено остана ССМ да ја прави и навистина луѓето, народски ќе се изразам, не можат да врзат крај со крај. За некои можеби тоа е смешно, но за голем дел од луѓето, по нашата статистика, 112 000 луѓе што беа на 15200 денари, а сега се на 18000, повторно не може да го преживеат месецот, бидејќи цените енормно се покачија – вели Иван Пешевски, потпретседател во приватен сектор на ССМ.
Анализите покажуваат дека месечно инфлацијата расте за 10%, секојдневно се продлабочува сиромаштијата. ССМ повикува Владата да се откаже од непродуктивните трошоци и да работи на зголемување на платите на работниците.
Новинар : Соња Рилковска