ССМ на 2-ри април излегува на протест за минималната плата

Сојузот на синдикати на Македонија денеска најави протести на 2 април годинава, поради одлуката на Владата да ја утврди минималната плата без учество на работниците. Ова денес на прес конференција го изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов по седницата на претседателствот на ССМ. Главна причина за ваквата одлука, како што посочи, е одлуката на Владата еднострано да ја усвои информацијата за минимална плата, со која минималецот се зголемува за 1,800 денари.
„ Часот кога ќе почне јавната седница на органите и телата на ССМ, вклучително и синдикатите здружени во ССМ, е 12:05, имајќи во предвид дека 5 до 12 одамна помина, а 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да усвојува информација, и со информација да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата.“ – рече Трендафилов.
Тој обвини дека од последната прес-конференција се засилиле нападите кон синдикатите здружени во ССМ и кон Сојузот на синдикатите на Македонија од политичка партија.
„Од последната прес-конференција се засилија нападите кон ССМ и другите синдикати од политичка партија и политички поставени директори кои земаат плати од нас кои плаќаме даноци. Не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани и уцени, откази и намалување на плати на наши активисти, со цел да направат друг репрезентативен синдикат на штета работниците“, истакна Трендафилов.
Во врска со изјавата на заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески дека Одлуката на владата за минималната плата законска и покрај тоа што нема мислење од Економско социјалниот совет и без репрезентативен синдикален претставник во негови рамки, Трендафилов посочи дека за прв пат од денесувањето на Законот за минимална плата во 2011г, владата еднострано одлучува за судбинта на работниците без да бидат вклучени синдикатите и работодавачите. Пратениците уживаат луксуз да одат на двонеделен одмор и да земаат 79% повисоки плати, не се одважија да го сменат законот и да утврдат минимална плата од 30 000 денари, рече Трендафилов.
Денеска започнала со работа Комисијата за утврдување репрезентативност, информира Трендафилов и додаде дека само ССМ бара утврдување на репрезенатитивност на ниво на територија со што ќе се овозможи негово учество во Економско социјалниот совет и другите социјални партнерства, органи и тела на државата и ниту еден друг синдикат ниту е броен ниту поднел барање. Потенцира дека намерата на ССМ не е да се руши Владата, туку да им се зголемат платите на работниците за достоинствен живот.