Стационарот за бездомни кучиња само на хартија
Истекува рокот на општините да ги згрижат кучињата скитници.
Истекува рокот на општините да ги згрижат кучињата скитници. Ветеринарниот инспекторат уште во април им издал решенија на општините да отпочнат со подготовки. Задолженијата се изготвени по Законот за ветеринарно здравство и Законот за благостотојба на животните. Во склад со законските прописи за 60 дена Локалните самоуправи мора да најдат начин кучињата скитници да добијат похуман третман од институциите. Од ветеринарниот инспекторат наскоро најавуваат и проверка како општините во пракса се справуваат со овој сериозен проблем.
Градоначалниците на четири Локални самоуправи, Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца декларативно поддржуваат регионален стационар за згрижување на кучињата скитници. Тие, уште лани потпишале Меморандум за соработка, но се останало само на хартија. Недостатокот од пари за функционирање на стационарот се главната причина за тоа што работите тапкаат во место.
„Оваа постапка е во тек и се бара соодветно место и подготвување на проектната документација за во иднина да се обезбедат средства за решавање на овој проблем. Наш став е дека оваа иницијатива треба да се предложи до Центарот за регионален развој за заедно и координативно сите општини во регионот да го решат проблемот со минимално потребни средства“, го презентира ставот на општина Вевчани, портпаролот Новица Костојчиноски.
Преставниците од Локалните самоуправи на сите четири општини се согласуваат дека најефтин начин за справување со овој проблем е заедничка инвестиција во регионалeн стационар. Надлежните институции од општините од регионов, во моментов се далеку од спроведување на законската обврска за решавање на проблемот со бездомните кучиња.
Единствено општина Охрид, преку ЈП „Охридски Комуналец“, направилa конкретни подготовки. Според, директорот на комуналното претпријатие, Сашо Алче, веќе едуцирале луѓе и организирале служба за справување со напуштените кучиња.
{loadposition content9}